Што очекуваат Ковачевски и Мицкоски од ТВ-дуелот во среда?

by Фокус

Експремиерот и актуелен лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, вели дека се радува за најавениот телевизиски дуел со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бидејќи, како што вели, граѓаните конечно ќе може да се чујат кој каков став има по однос на најважните прашања за државата.

-Добро е кандидатите за врвни носители на функции во државата, функцијата пратеник или иден премиер на државата е врвна, треба пред граѓаните да ги презентираат своите програми, своите ставови и одговори на клучните прашања за иднината на државата – рече тој.

По однос на очекувањата од ТВ-дуелот на Канал 5, денеска и Христијан Мицкоски изрази очекување оти тој ќе биде можност за соочување на ставовите по однос на иднината на земјава во следните децении.

-Седум години се навршуваат од оваа Влада на СДСМ и ДУИ, која покажа сѐ, само не државотворност, сериозност и план за просперитетна иднина. На тој дуел очекувам да презентираме како ја гледаме Македонија во следните децении. Барем јас така ќе настапам. И посакувам успешен дуел кој ќе го привлече вниманието на граѓаните и ќе даде одговор на многу прашања кои граѓаните досега немале можност да ги слушнат – истакна тој.

Поврзани новости