Вмровците би го избркале и Исус од работа

by Фокус 21:58
21:58

Текстот е објавен во мај 2011 година во неделникот „Фокус“ во рубриката „Проливудски приказни“.

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

- Advertisements -

Фала богу што Исус не работи во некоја од државните институции или не дај боже да беше во Фондот за здравство, оти во тој случај вмровците сигурно ќе го избркаа од работа. Не за друго, туку затоа што кутриот има само 12 вистински следбеници и само за нив би можел да гарантира дека ќе гласаат за ВМРО. Што значи дека ќе му фалеа уште тројца за да формира листа од 15 души, кои безрезервно ќе го дадеа гласот за Пастирот.

Сепак, кога ќе размислам убаво, не сум сосема сигурен дека Синот Божји во крпче ги им сите 12 апостоли. Се си мислам оти на Јуда ќе му најдеа книшка од партијата на Љубе ,предавникот, и Христос на листата ќе останеше со скромни 11 луѓе и нормално без работа.

Добро, можеби Месијата во таков случај ќе останеше со прстот во уста, ама затоа можам да гарантирам дека ништо нема да им фали на Али Баба и на неговите 40 разбојници. Човек како Али Баба заслужува да го постават за раководител оти само таквите може да соберат повеќе од 30 следбеници.

Мислам дека редно време е портокаловите да го преиспитаат и својот однос кон ултрапопуларниот Боки 13-ка, оти самиот тој носи 14 гласа. Еден од него и 13 од неговото презиме. Доволно е на листата да покани некоја српска турбофолк-пејачка и веднаш ќе формира 15-ка, која ќе му донесе почит од страна на вмровците, а можеби и ударен термин на ТВ Сител, пред или по шоуто на Жаре Берберот. Оти да немаме дилеми – за изборите се работи и да не заборавиме дека Македонија не застанува, таа застранува!

Вака на прва ми текнува дека на Бирото за невработени ќе остане и Снежана со нејзините седум џуџиња, оти во овој случај нема да и помогне потписот на принцот, ниту пак гласот на белиот коњ. Како и да свртиш Снешка нема 15 гласачи и затоа сега навистина е штета што го убија Бин Ладена, оти тој, пак, со своите 19 деца и уште повеќе внуци ќе беше вистински партиски потенцијал. Тој и неговите Талибанци едноставно ќе експлодираа на изборните листи.

И сега му го открив планот на Обама. Го сотре Бин Ладен за неговите деца да не гласаат за ВМРО, а од друга страна пратил свој советник да ја учи Рада како да победи на изборите. Многу проѕирно од страна на црномурестиот американски претседател, многу проѕирно мистер Президент!

Сепак, мислам дека портокаловите другарчиња навистина нема потреба да очајуваат оти секогаш може да сметаат на злобната Круела Девил и на нејзините 101 далматинец, особено што далматинциве може да им донесат некој дополнителен глас во дијаспората. Тоа што се кучиња никому не му пречи – бројката е важна, уствари бројката е најважна и затоа предлагам Бичиклиски и другарите да не трошат време на некој како волкот и неговите три прасиња. Оти кај што се друштво од четворица, таму, пак, волкот цело време е гладен и на крај ќе ги изеде сите.

Нешто слично како Зоки Заев, кој со задоволство прифатил да пие кафе со носителите на листите од својата изборна единица, ама кумчето Ставре се уште се думал дали да оди. Никој нема да го обвинува другиов Зоки ако не пие кафе со гладниот Зајко, навистина никој. Оваа генијална идеја доаѓа од умот на Нано Ружин, кој како претседателски кандидат ги собра на ручек конкурентите во Дал мет фу, а овојпат решил да ги кани на кафе.

Како тргнале ЛДП може ќе се впуштат во водите на угостителството и ќе отворат кафана, ама можеби и тука има логика, оти во оваа Македонија само во кафаната „има излез“.

Веројатно слично размислуваат и големите партии оти како што ги скроиле изборните листи по 5 јуни, Собранието има да ни личи на ноќен клуб. Откако СДСМ го ставија пејачот Угро на листа, ВМРО веднаш реагираа со противкандидатки во ликот и делото на две манекенки. Еднава да ти била мис шарм, а другава метео-девојка.

Ни фали уште Дејан Миличевиќ и да почнат да снимаат спотови со разголени манекенки во Парламент, а тон-мајстор секако дека пак ќе биде Трајко Неваљаноски!

Како и да е, мислам дека вмровците со петнаескиве си играат директно со ѓаволот, а ако не ми веруваат нека му се јават на Видовити Милан и тој ќе им каже дека во тарот – картите бројот 15 го означува Сотоната. Ѓаволска работа, нема што!

Поврзани новости