Факт е дека ВМРО-ДПМНЕ со парите од буџетот и со украдените пари од народот, станува движење, во кое влегуваат сите што се на продажба. Сето тоа изборите во вакви сиромашни држави ги сведува на „бандитизам на големите партии од власта“. Богатите партии може да си купат, не само медиуми за поддршка, туку и интелектуалци, цели партии, членови од други партии, гласови, па ако е потребно и пратеници. А тоа изборите ги претвора, не во политичка битка, туку во пазар на кој секој може да си купи магаре што најмногу му одговара
Пишува: Ѓорѓи СПАСОВ
Едно кусо интервју со Ламбе Арнаудов за ТВ 24 вести, дадено на празникот 23 октомври, откри повеќе работи за суштината на ВМРО-НП отколку сите анализи на таа партија правени однадвор.
Ламбе кажа дека ВМРО-НП е идеолошки поблиска до ВМРО-ДПМНЕ отколку до која било друга партија. Нејзините членови потекнуваат од таа партија и посакуваат да се вратат во неа. Дека тој лично е пријател со Никола Груевски, и сѐ што е кажано за Груевски во врска со некаков криминал направен од негова страна е политичка пропаганда, слична на онаа со која СДСМ и него лично го обвинувал па и го осудил.
И не од сега, туку многу поодамна, од пред неколку години, почнале да се затоплуваат односите меѓу двете партии. Тоа почнало уште во моментот кога голем број членови од ВМРО-НП почнале поединечно да му се нудат на Груевски и да се договараат да преминат во неговата партија. Тогаш, раководството на ВМРО-НП сфатило дека подобро е колективно да му се понудат на Груевски и да испазарат подобра позиција од онаа што за себе ќе ја обезбедат членовите со поединечно нудење.
ПОНУДИ ШТО НЕ МОЖАТ ДА СЕ ОДБИЈАТ
И врз основа на таа математика, Ламбе го избрале за овластен преговарач од ИК на партијата за соработка со ВМРО-ДПМНЕ. Од таквата позиција, тој веќе договорил пакет за заеднички настап на изборите, за кој верува дека е прифатлив за најголемиот број членови на ВМРО-НП. Во тој пакет се водело сметка од Груевски да се добијат вработувања, пред сѐ, за нивни членови по општинските организации.
Ламбе не спомна дали во преговорите за заеднички настап на Георгиевски и Груевски, станало збор за некаква заедничка политичка платформа, која би била нешто поразлична од оваа која десет години ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ, туку само констатира дека „за да го спречат распаѓањето на својата партија“, кое почнало да се случува со одлевањето на поединци кон ВМРО-ДПМНЕ, тие решеле колективно припојување на партијата кон Груевски во замена за вработувања (и пари) на клучни луѓе во партијата. Ламбе тврди и дека тој процес на повторно обединување се одвива нормално и без притисок од ВМРО-ДПМНЕ, туку со „понуда што не може да се одбие“.
Оваа искрена исповед на Ламбе, всушност само потврди дека најбогатата партија во Македонија ДПМНЕ, одново е ставена во акција за купување на помалите партии од десницата и од центарот или барем на нивното членство. Од она што е досега познато и веќе видено, тоа се одвива на два начина. Првиот е со „понуди што не можат да се одбијат“ до нивни членови за да се вратат во старото стадо. И вториот е со нудење „пакет аранжман“ за припојување цели партии и раководства.
Груевски тоа, всушност, го практикуваше и пред изборите во 2011 година и со коруптивни методи ги растураше Достоинство на Стојанче Ангелов, партијата Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски, па и ВМРО-НП на Љупчо Георгиевски.
Во една од бомбите на Заев е објавен разговорот на Гордана Јанкулоска со Протуѓер, по апсењето на Љубе Бошкоски, во кој таа вели дека „Сега, откако е тој уапсен, треба сите негови членови поединечно да ги собереме во ВМРО-ДПМНЕ“. А партијата на Бошкоски на тие избори освои 17.081 глас. Оттогаш и потпретседателката на Обединети за Македонија, Наталија Ивчева премина во ВМРО-ДПМНЕ и го уредува порталот Инфомакс.
СТРАТЕГИЈА ЗА ДЕСНИТЕ ПАРТИИ
Обидите да се растури ВМРО-НП, со пакет-аранжмани за раководството, траат речиси од формирањето на партијата на Георгиевски.
Уште во 2007 година, некои пратеници од пратеничката група на ВМРО-НП, меѓу кои беа Валeнтина Божиновска и други, преминаа во ВМРО-ДПМНЕ, а првата претседателка на таа партија Весна Јаневска стана независен пратеник и подоцна член на ВМРО-ДПМНЕ. По изборот на новиот претседател на партијата Ѓорѓи Трендафилов, во 2008 година , ВМРО-НП и не излезе на изборите, па ВМРО-ДПМНЕ ја оствари својата најголема победа во историјата.
Во октомври 2009 година за претседател на ВМРО-НП е избран нејзиниот поранешен пратеник Марјан Додовски. Таа година на локалните избори ВМРО-НП освојува дури 43 илјади гласачи. На парламентарните избори во 2011 година, партијата предводена од Додовски освои 28.500 гласови во сите изборни единици, но не доби ниту еден пратеник. На прашањето од „Фокус“, зошто ВМРО-НП не освои ниту едно пратеничко место, тогаш сѐ уште нејзиниот лидер Додовски одговара:
„Сакам да истакнам дека ВМРО-ДПМНЕ направи посебна стратегија за десниот кампус на политички партии. Штабот, фокусиран на луѓето од десницата, функционираше беспрекорно. Темелно и буквално беше снимен секој оној, кој е запишан во единствениот избирачки список. Вие да дојдете до информации дека се знаело, буквално, кој во која продавница колку должи, кој има поднесено барање за кредит да му се одобри, кој какви казни има – прекршочни или кривични, кој имал пријава од УЈП… Сето тоа беше ставено во функција, за луѓето да бидат уценети!
Емисарите од ВМРО-ДПМНЕ во третата изборна единица, без срам и перде одеа со ветувања за вработување, за укинување на прекршочни пријави… Ги искористија сите инструменти за да може да се направи притисокот, за да се дојде до посакуваниот резултат. Очигледно е дека одредени луѓе беа ставени во машина, дури да мора да доаѓаат и по митинзите и да веат знамиња, но да мора да работат и за нив!“
„ПАКЕТ-АРАНЖМАНИ“ ВО НИЗА
Но, бидејќи, како што вели Ламбе „и Спартанците треба нешто да јадат“, веќе во 2012 година, Додовски прави обид за приклучување на ВМРО-НП кон ВМРО ДПМНЕ, а откако не успева во тоа, тој лично, заедно со генералниот секретар и многумина други членови колективно пристапуваат кон ВМРО-ДПМНЕ. Набргу после тоа Додовски станува генерален директор на фабриката „11 Октомври Еурокомпозит“, неговата сопруга Иванка Додевска доцент на Правниот факултет и главен бранител на идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ, а и сите други што преминуваат со него во ВМРО-ДПМНЕ добиваат некој „пакет-аранжман што бил преговаран и договорен“.
Во 2012 година партијата одново го избира Љупчо Георгиевски за претседател. ВМРО-НП и на локалните избори во 2013 година настапува заедно со опозицијата.
На парламентарните избори во 2014 година, ВМРО- НП настапува самостојно и освојува само 1,5 отсто од гласовите или вкупно 16.722 гласа и продолжува да дејствува опозициски. Од интервјуто на Љубчо Георгиевски за ТВ Нова, се дознава дека тој бил за самостоен настап на партијата на следните избори, но мнозинството изгласало одлука да настапат во блок со другите опозициони партии од десницата и центарот, иако рече дека „сѐ уште е отворена и можноста да настапат заедно со ВМРО-ДПМНЕ“, кое според него има „застарена, па и штетна национална програма за Македонија“, која ја држи Македонија надвор од НАТО и од ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ успева голем дел од партиите што се формирани со отцепување од него, да ги прибере назад со својот „метод на пакет аранжман“. Така, Демократската десница што ја формираше Филип Петровски се врати во скутот на Груевски, а Филип Петровски за својот „херојски чин“ го доби местото директор на Лотарија, па директор на Државниот архив и сега станува научен соработник на Институтот за национална историја.
Марјан Ѓорчев ја врати неговата партија Земјоделска народна партија во скутот на Груевски, па стана прво градоначалник на општина Кисела Вода, а сега амбасадор во Бугарија. Борис Стојменов ја припои својата партија ВМРО – Македонска кон партијата на Груевски и доби голем колач од владините реклами за неговата телевизија.
Сето ова покажува дека во Македонија се формираат „партии за продажба“ кои колку повеќе може да отцепат од гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ толку е подобар „пакет-аранжманот“ за нив кога преговараат да се вратат во стадото од кое изникнале.
БАНДИТИЗАМ НА ПАРТИИТЕ НА ВЛАСТ
На Груевски, купувањето лица од други партии со „пакет-аранжмани“ му успеа и при растурањето на Демократска алтернатива, кога Слободан Чашуле ја формира Нова демократија за да остане во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Му успеа при растурањето на НСДП, која по напуштањето на владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ се подели на три дела од кои „Подем“ на министрите Јанкуловски и Рафајловска останаа со поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, а министерот Лазе Еленовски ја формира партијата Социјалдемократска унија и потоа замина за амбасадор по предлог на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Му успеа да ја растури и партијата на Стојан Андов кога неговиот дотогашен претседател Зоран Крстевски, по 2008 година ја формира Новата либерална партија и стана директор на аеродромите. Веднаш по локалните избори во 2013 година, и партијата на Стевче Јакимовски стана дел од таборот на Груевски и е најжесток критичар на своите бивши сопартијци.
Некои аналитичари ова го фалат и го нарекуваат „отвореност“ на ВМРО-ДПМНЕ и за најлутите противници. Но, факт е дека таа со парите од буџетот и со украдените пари од народот, станува Движење во кое влегуваат сите што се на продажба. А такви има и меѓу партиите на Ромите, Србите, Власите, Бошњаците кои како Амди Бајрам од Груевски секогаш добиваат добар „пакет аранжман“ под услов само да ја следат неговата политика и да молчат.
Но и во албанскиот блок на политички партии се случува такво нешто. Партијата ПДП беше распродадена на тој начин, а подоцна тоа и се случи и на Нова демократија на Имер Селмани. Нивните пратеници и членство го купуваа ДУИ и ДПА кои имаа пристап до буџетот и до други ресурси од државата.
Сега пред овие избори, веројатно треба да се растури „Беса“. Медиумите објавуваат дека пет членови од таа нова опозициона партија преминале во партијата на градоначалникот на Струга Зијадин Села од кого веројатно добиле „понуда што не може да се одбие“.
Сето тоа изборите во вакви сиромашки држави ги сведува на „бандитизам на големите партии од власта“. Богатите партии може да си купат не само медиуми за поддршка туку и интелектуалци, цели партии, членови од други партии, гласови, па ако е потребно и пратеници. А тоа изборите ги претвора не во политичка битка туку во пазар на кој секој може да си купи магаре кое најмногу му одговара.