Вмровската поддршка доволна за Таравари, но не за Села

by Фокус

Разликите во гласањето за кандидати за градоначалници и советнички листи предложени од исти политички партии покажуваат како профункционирале предизборните коалиции меѓу коалициските партнери.

Веќе пишувавме како соработката меѓу СДСМ и ДУИ, од една страна, и ВМРО-ДПМНЕ и ААА, од друга страна, се одрази во трката за градоначалник на Скопје меѓу Петре Шилегов и Данела Арсовска.

Но, официјалните бројки од Државната изборна комисија го покажуваат ефектот и на „македонските“ партии во „албанските“ општини.

ГОСТИВАР: НАТПАРТИСКИ ПОТЕНЦИЈАЛ

Имено, во првиот изборен круг во Гостивар, актуелниот градоначалник од Алијанса за Албанците Арбен Таравари освои 15.724 гласови, а неговиот противкандидат од ДУИ Невзат Бејта освои 13.190 гласови.

На советничките листи, пак, АА освои 8.856 гласови, а ДУИ освои 8.296 гласови, од што произлегува дека двајцата првопласирани кандидати за градоначалници значително го надминаа партискиот потенцијал што се согледува на листите.

Поточно, Таравари на овие избори беше поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, која не кандидираше свој кандидат за градоначалник, а на советничките листи освои 4.300 гласа.

Со оглед дека Таравари освои 6.868 гласови повеќе отколку советничката листа на неговата АА, се претпоставува дека, освен вмровски гласови, добил и голем дел од гласовите од партиите на „помалите“ етнички заедници.

Станува збор за трите турски партии – ДПТМ, ПДТ и ДНЕТ, како и ромската ДСР, кои на советничките листи заедно освоија над 4 илјади гласови.

Што се однесува до Бејта, тој освои 4.894 гласови повеќе отколку ДУИ, од кои најголем дел се поддршка од гласачите на СДСМ, која на советничките листи освои 2.958.

Исто така, очигледно е дека и Бејта добил турски и ромски гласови, но во помал број отколку Таравари.

СТРУГА: НАМАЛУВАЊЕ НА ЈАЗОТ

Во Струга, пак, актуелниот градоначалник на ДУИ Рамиз Мерко освои 10.956 или 2.219 гласови повеќе од ДУИ, која на советничките листи освои 8.737 гласа.

Неговиот противкандидат од ААА, Идри Истрефи, освои 9.421 гласови, додека советничката листа на неговата партија освои 6.535 гласови или 2.886 помалку.

Како што е познато, СДСМ не го поддржа отворено Мерко во првиот круг и настапи со свој кандидат. Тоа е Димче Шипинкаровски, кој освои 4.352, што е повеќе од советничката листа на неговата партија, на чие конто легнаа 3.818 гласови.

Ако гласачите на СДСМ не го поддржале Мерко од коалицискиот партнер ДУИ, или тоа го сториле во минимален број, спротивна е ситуацијата кај опозицијата.

Истрефи беше официјално поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, која не кандидираше свој кандидат, а на советничките листи освои 4.258 гласови, што укажува дека немало целосна поддршка и од ВМРО кон кандидатот на ААА.

Ако овие над 4.000 вмровски гласа легнеле на контото на Истрефи, покрај оние 6 и пол гласови на АА, тогаш тој би можел да го надмине Мерко.

Но, ако истовремено се има во предвид дека разликата меѓу Мекро и Истрефи е 1.535 гласа, а разликата меѓу ДУИ и АА е 2,202, сепак, ВМР0-ДПМНЕ влијаело колку-толку да се намали јазот во битката за градоначалници.

ТЕТОВО: ПОЛОВИЧНА ПОДДРШКА

Слична е ситуацијата и во Дебар, каде кандидатите на ДУИ и АА освоија повеќе гласови од нивните советнички листи поради соработката со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Во Тетово, пак,  актуелната градоначалничка од ДУИ Теута Арифи освои 11.138 гласови, втор беше Биљал Касами од БЕСА со 10.496 гласови, а кандидатот на ААА Вулнет Мурсели освои 6.165 гласови.

И овде СДСМ имаше свој кандидат за да не мора да прави избор меѓу двајца коалициски партнери, но ВМРО-ДПМНЕ го поддржа Мурсели.

Инаку, тој освои 2.253 гласови повеќе од советничката листа на АА, што значи дека и тој добил половична поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, која на советничките листи во Тетово освои 4.062 гласа.

Сепак, дури и да ја добиел цела поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, Мурсели беше далеку од шанси за успех во Тетово.

Но, и во тие општини каде кандидатите за градоначалници на Зијадин Села котираат далеку подобро, вмровската поддршка се покажа недоволна за успех што ќе му овозможи генерална победа над Али Ахмети.

Единствено, оваа коалиција можеби пресудна се покажа во Гостивар за победа на Таравари, кој клучната разлика во однос на Бејта ја прави токму поради поголемиот коалициски потенцијал.

ЛОКАЛЕН ДОМЕТ

И овие локални избори го покажаа главниот проблем на албанската опозиција. Додека ДУИ е влијателна буквално на цела територија, албанските опозициски партии имаат ограничен локален домет.

Според официјалните резултати, Алијанса за Албанците е силна во Струга и Гостивар, од каде доаѓаат првите двајца луѓе на партијата – Села и Таравари.

Но, партијата е слаба во Тетово и Скопје, каде далеку подобра база имаат БЕСА на Касами и Алтернатива на Африм Гаши, од што произлегува дека сите 3 албански опозициски партии треба да се обединат доколку сакаат сериозно да го загрозат ДУИ.

В.С.

Поврзани новости