Мицкоски: Нашиот спор со Бугарија е билатерален, затоа треба да се вклучи ЕУ

by jadranka 21:50
21:50

Досегашните средби на билатерално ниво меѓу Северна Македонија и Бугарија се средби „колку да се случат“, а Европската Унија треба да се вклучи во процесот за да ги слушне аргументите на двете страни – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МТВ, одговарајќи на прашањето како го толкува ставот на официјална Софија дека е подготвена за дијалог, но и натаму сака разговорите да се одвиваат билатерално, а не со посредство на ЕУ.

Премиерот нагласи дека досегашните средби не донеле суштински резултат.
„Видете, досегашните средби на билатерално ниво коишто ги имаше и претседателката, но и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, се средби коишто јас ги викам средби колку да се случат средби. И тука имате вие брифирање после тоа нo кога ќе завршат тие средби, брифирање од состаноците, секогаш со сосема различна вистина од тоа којашто е разговарано на состанокот. Нашата идеја кога велиме да се вклучи и Европската Унија е со цел да ги слушнат и нашите аргументи и аргументите на другата страна. Јас знам која е загриженоста од страна на официјална Софија. Тие велат: ‘ако ние седнеме во присуство на трет партнер, тоа значи дека навистина имаме билатерален спор’. И навистина ние имаме билатерален спор. Ние можеме да измислуваме, да се правиме дека немаме, ние во суштина навистина имаме билатерален спор којшто е сега на својот почеток. И додека е на почеток, јас тоа го кажав и во мојот говор вчера, ние треба да водиме дијалог и токму поради тоа ни се потребни претставници на мултилатерални организации, во случајов Европската Унија, за да ги слушнат аргументите“ – нагласи Мицкоски.
Тој истакна дека позицијата на Владата е дека не може да влезе во авантура без да го знае крајот на евроитегративниот пат.

Нашата позиција е ние не можеме да влеземе во било каква авантура без да знаеме дека крајот е на дофат и дека јасно го гледаме крајот. Не би сакале да влеземе во процес којшто континуирано потоа ќе ни се поместува. Зашто? Затоа што еве ќе бидам најотворен и најдиректе, утре да ги отвориме преговорите, секое поглавје, секој кластер ќе треба потоа да се гласа во националните парламенти кога се затвора на земјите членки на Европската Унија. Тоа е најмалку 80 пати можност ние повторно да добиеме нови барања. Како тоа ќе изгледа? Ќе излезе некоја порадикална структура во Парламентот на нашиот источен сосед и потоа овие помeјнстрим политичарите ќе речат: „знаете, мораме сега поради домашни проблеми повторно да ги блокираме, знаете руско влијание, вакво влијание, ние се бориме против тоа руско влијание, знаете вие сте лошите Русјаци, ние сме добрите Бриселци“ и отприлика така сето тоа ќе изгледа. Јас во тој процес нема да влезам – рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека Владата има предлози како да се надминеме овој процес и како тоа да се постигне заеднички со Бугарија, со која, како штио рече сме партнери во НАТО.

„Така што, ако таму сме партнери во тоа семејство, логиката вели дека и тука треба да сме партнери. И на крајот од денот, во интерес и на официјална Софија е да ние бидеме дел од Европската Унија, мислам тоа се тие добрососедски односи“ – рече Мицкоски.

Тој истакна дека Владата ја користи секоја можност пред стратешките партнери, меѓу кои и САД, да ги презентира аргументите и позициите на Македонија во однос на интеграцијата во Европската Унија.

– Јас само можам да кажам дека ние ја користиме секоја прилика, секоја можност да ги презентираме нашите аргументи. Тоа е тоа кое што мене ми е важно и тоа е тоа кое што е важно на луѓето од Владата, -рече Мицкоски и додаде дека нивната цел е да се обидат практично да ги пренесат „нашите позиции, нашите аргументи, а потоа нашите соговорници нека ценат и нека судат дали сме во право или не сме во право“, потенцираше македонскиот премиер во телевизиското интетрвју за јавниот сервис.

Слични вести