Јордан Мијалков мора да стане Гоце Делчев за „фамилијата“ да добие патриотско минато!

by fokus 12:18
12:18

архива

Текстот е објавен на 17. 12. 2012 година во неделникот „Фокус“.

Пишува: Жарко ЈОРДАНОСКИ

- Advertisements -

Тој што господари со минатото, тој господари и со иднината. Според оваа максима се раководеше Министерството за вистина во Орвеловата 1984. Да се потсетиме, главниот јунак Винстон Смит, вработен во Министерството за вистина во антиутописката земја Океанија, имаше задача да ги брише и да ги преправа податоците и фактите во старите учебници, книги, новински написи, кои не се во согласност со Единствената и Неприкосновена вистина. На пример, ако Големиот Брат предвидеше нешто, а тоа подоцна се покажеше неточно, Смит имаше задача да ги најде сите места каде тоа е спомнато, и да ги „исправи”!

Светските диктатори овој принцип не знаеја да го преточат во фикција или теоретски да го објаснат, но наголемо го користеа. Сталин, на пример, наредуваше од старите фотографии да се избришат ликовите на довчерашните високи функционери, кои од овие или од оние причини паднале во негова немилост, биле стрелани или затворени. Други, пак, како Тито, си нарачуваа биографија по сопствена желба, сосе анегдоти од детството, во кои никој не смееше да се посомнева!

jordan-mijalkov

ОД ПЕРДИКА ДО МИЈАЛКОВ

Нашите актуелни автократи – приправници, иако се наоѓаат во сосем поинаков историски контекст, исто така имаат незгаслива потреба да си играат со минатото. Токму затоа посегнаа по Александар, Филип, Пердика, по Хунзите и по Паљурци. Се работи 24/7 и под земја и над земја, и под вода и над вода, за на овој народ да му се обезбеди колку е можно пославно минато, кое обврзува на патетична сегашност и компензира за сите неуспеси што не чекаат во иднината.

Арно ама, преродбата има проблем со најблиското минато и со историјата на својата партија. Таа просто недоволно ги отсликува сјајот и величината на актуелната најтесна номенклатура. Затоа, малку потивко, но не помалку неуморно, се работи и на ретуширање на тоа поблиско минато. Во таа насока веќе се направени некои напори да се избришат со гумичка основоположниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои сега се политички противници, меѓутоа, проблем е што да се стави на нивно место? Обидите, некакви заборавени вмровски ветерани да се промовираат во величини, не дадоа резултат. Од друга страна, и самиот Лидер и речиси сите негови најблиски соработници се ем млади, ем релативно нови во “вмровштината”, па не можат да се стават во улога на заслужни за осамостојувањето на Република Македонија, заслужни за партијата. А, на нашата номенклатура и треба патриотска патина, затоа што патриотизмот, како што е познато, и е главен стратешки производ, ако не и единствен!

За да се надмине овој непремостлив проблем, пред две години беше издадено едно капитално дело од областа на “пластичната хирургија” врз минатото. Станува збор за книгата на извесен професор Христо Ристовски, која се фокусира врз ликот и делото на Јордан Мијалков, првиот министер за внатрешни работи во самостојна Македонија, кој загина под неразјаснети околности во сообраќајна несреќа во 1991 година во близината на Врање. Како што е познато, Мијалков е вујко на актуелниот премиер Никола Груевски, татко на директорот на УБК Сашо Мијалков и на вториот човек во царината Владо Мијалков.

Ова биографско дело, кое по своите перформанси може да се мери со најквалитетните проблесоци на соцреалистичката проза, има за цел да ‘фрли светлина’ врз ликот и делото на Мијалков, до степен – да го заслепи читателот!

Самиот наслов – “Јордан Мијалков и неговото време”, ги открива големите амбициите на авторот – да го брендира актуелниот историски миг во – епоха на Мијалков. Ни повеќе ни помалку. Оваа апологетска книга се обидува да го искачи Мијалков на пантеонот на првоборците за македонската кауза, рамо до рамо со Гоце, Даме, Ченто… како идеалист, филозоф, борец за самостојна Македонија и жртва за Татковината, од најрани години па до крајот на својот маченички живот!

810-811-korica-od-kniga

НЕГОВОТО ВРЕМЕ И НАШЕТО ВРЕМЕ

Веднаш да кажеме дека на оваа монографија имаме намера да и посветиме значителен простор и внимание. Од повеќе причини. Прво, затоа што се согласуваме со ставот на нејзиниот автор, изнесен уште во предговорот, дека без да се разбере ,ликот и делото, на Јордан Мијалков, не можат да се разберат многу настани од поблиското минато, па, би додале – и од македонската сегашност. Ако не поради нешто друго, тогаш поради фактот што најтесниот круг на владеачката партија го сочинуваат негови директни потомци, со голема моќ во општеството. И тоа по негова заслуга, а не по некоја гола случајност!

Култот на Мијалков во вмровските кругови се градеше и пред оваа книга и во голема мера тој е заслужен за издигнувањето на Никола Груевски на политичката сцена. Познато е дека Љубчо Георгиевски, кој го наметна Груевски за свој наследник, високо го ценеше Мијалков, како искрен борец за македонската независност. Тоа сигурно влијаело неговиот избор да падне токму врз Груевски. Во ВМРО-ДПМНЕ има една ројалистичка фасцинација со крвните сродства и со прашањата на потеклото, па педигрето на Мијалков несомнено одигра голема улога за Груевски да биде релативно лесно промовиран и прифатен како нов партиски лидер. Тоа го компензираше недостигот на партиско искуство или патриотски заслуги кај Груевски од времето пред доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, нешто на што во тоа време се инсистираше.

Втора причина поради која вреди да се занимаваме со ,Јордан Мијалков и неговото време, е можноста што ни ја дава ова четиво, преку него да добиеме претстава за менталната матрица на луѓето што ја креираат денешната политика – како тие размислуваат и што сакаат ние да мислиме за нив. Исто така, сакаме на време да ги осуетиме очигледните обиди да се исконструрира уште еден мит, од чисто пропагандни и манипулативни мотиви, на сметка на некои историски факти, па дури и на сметка на вистинскиот, реален човек Јордан Мијалков. И, на крај, затоа што четивото е многу забавно, на свој начин!

ХРИСТО, НАПИШИ НЕШТО..!

За авторот Христо Ристовски не може да се каже дека е особено талентиран пишувач или проминентен научник и историчар. Напротив, побрзо би можело да се каже дека е анонимен. Од рецензентите дознаваме дека е професор по историја, дете-бегалец од Грција, автор на монографиите “Граждено 1949”, “Лазо Ангеловски, учител и револуционер” и на една стихозбирка со наслов “Спомени”. Сепак, одредена академска аура на трудот му даваат токму самите рецензенти – Виолета Ачковска, професор доктор од Институтот за историја, Даринка Петреска, професор доктор од Филозофскиот факултет и магистер Теон Џинго.

Ако нема академски формат, писателот на монографијата за Мијалков тоа го компезнира со исклучителна трудољубовост и посветеност на истражувачката работа. На делото макотрпно работел осум години, исчитал илјадници страници документи, направил десетици интервјуа со луѓе што лично го познавале Мијалков, па, за таа цел, како што вели, посетил “повеќе села и градови каде што живеел и творел Јордан Мијалков”. Не знаеме дали тој труд му е платен од некого, или барем трошоците, но, дознаваме дека пресудна за да се реши на овој потфат била поддршката и “константната помош” (што и да значи тоа) што во својата работа ја имал од сестрата на Јордан Мијалков, Надежда Груевска, мајка на премиерот Груевски.

“Таа (Наде) во една прилика ми рече: ,Напиши Христо нешто и за мојот брат, бидејќи јас сметам дека тој тоа навистина го заслужува,. Нејзините зборови беа пресудни за мене, па се зафатив да го овековечам времето на осамостојувањето на Република Македонија, заедно со човекот кој беше еден од нејзините втемелувачи – Јордан Мијалков”, пишува Ристоски.

Дали ова можеме да го сметаме како завиткано признание дека станува збор за нарачка? Или, пак, мотивите за осумгодишниот самопрегорен труд ќе ги бараме во неговиот научен порив да се “втемели” една политичка фигура во историјата? Или, пак, во обичното писателско додворување кон моќните? Ни останува само да погодуваме.

Како и да е, трудот е напишан, испечатен од “Просветно дело”, објавен и промовиран во мај 2008 година, без особено голема помпа. Дали тоа значи дека некому не му се допаднал премногу или можеби намерно се барала дискреција за да не дојде под критичката лупа на јавноста? Делото сепак се користи за внатрепартиска употреба, постирано е на неколку патриотски сајтови во земјава и во странство, на неколку веб-страници на месни комитети, па дури и на општински, и таму си го живее својот идиличен публицистички живот!

РЕЦЕНЗЕНТСКИТЕ МАКИ ГОЛЕМИ

Пред да го претставиме процесот на “овековечување” на Мијалков, спомнат погоре, збор-два за веќе спомнатите рецензии, кои се многу забавни и индикативни. Првите две рецензентки – докторки на науки, како со половина уста да ја претрчуваат рецензијата. Ачковска речиси ја прераскажува целата книга по поглавја, зборувајќи повеќе за Мијалков отколку за самата книга. Таму каде што треба да се даде некаква оценка и мислење, читаме и вакви работи: “…авторот Ристовски успеал во својата намера да го исполни и својот патриотски долг, но, да ја исполни и желбата на сестрата Наде, преку пишаниот збор на еден историчар да изгради траен споменик на трагично загубениот и непреболен брат.”. Хм… ако се работи за споменик, а не за научно дело, зошто е потребна рецензија од двајца доктори на науки и еден магистер!?

Се прашувам, како би се чувствувал некој ликовен критичар ако му нарачаат рецензија, да речеме за некој надгробен споменик од Бутел!? Но, добро, чудесни се патиштата академски, особено во Македонија. Ачковска некако ја дотерува рецензијата до крај и “со особена чест” го препорачува трудот на Ристовски за печатење!

На сличен начин се “снаоѓала” и рецензентката, проф. д-р. Петреска, која многу таксативно и концизно претрчува до крајот на рецензијата, изрекувајќи само една квалификација за делото – дека “претставува прв обид да се направи монографија за оваа личност, која заслужува да влезе во колективната меморија како заслужен Македонец…”. Напишала докторката и – си поминала на редот!

Но, затоа, третиот рецензент, Теон Џинго, не жалел епитети, хиперболи и други тешки думи ниту за Мијалков, ниту за неговиот хроничар Ристовски: “Постои ли нешто повозвишено и поискрено од тоа кога еден вистински патриот ќе напише книга за друг вистински патриот?”- се прашува егзалтирано магистер Џинго. Нетипично за една научна рецензија, Џинго му се обраќа на читетелот и вака: “И никогаш НЕМОЈ да заборавиш дека крвта пролеана за слободата на Македонија тече во моите, во твоите, во нашите вени и ни дава поттик да успееме да се воздигнеме над сите наши негатори!”.

Притоа безрезервно го поддржува и фали трудот на Ристовски, употребените научни методи и извори, и на крајот решително го препорачува да биде објавен “како монографија која ќе послужи како сведоштво за големината на еден човек – великан”, мислејќи, нормално, на Мијалков. Интересно е како случајноста знае да си поигра во вакви торжествени ситуации. Преведувачот на овие редови од македонски на англиски (зашто трите рецензии од некоја причина се преведени и на англиски), веројатно понесен од претходниот жар на Џинго, ги помешал двајцата партиоти-великани, Мијалков и Ристовски. Па, така, во преводот ја читаме следнава завршница #######”…тхе сциентифиц њорк схоулд бе принтед анд публисхед ас монограпх њхицх њилл серве ас прооф оф тхе аутор’с магнифиценце” ###### (…научниот труд треба да биде објавен како монографија што ќе служи како доказ за величенственоста на авторот). А зошто да не?

ОСЛОБОДИТЕЛ, ИДЕОЛОГ И ФИЛОЗОФ

Авторот не губи време уште во воведот да ни стави до знаење дека има намера да го претстави Јордан Мијалков како супер-херој и супер-патриот, кој целот свој живот не правел ништо друго, освен што се борел за осамостојувањето на Македонија, од најраната младост, па до крајот на ,неговото време,. Чиниш, македонски Гарибалди или Симон Боливар. Без страв од било какво претерување, Ристовски го нарекува Мијалков “идеолог” на вековната борба за самостојност на Македонија, како тој зад себе да има опус собрани дела, барабар со Маркс и Енгелс!

Како тоа да не е доволно, авторот сака да го закити Мијалков и со титулата “филозоф”. Како поткрепа на тоа се дадени вакви, како што ги нарекува Ристовски, “почетни филозофски размисли” од белешките на самиот Мијалков: “Човечката судбина е зависна од внатрешните меѓусебни односи на општеството”. Или “Тешко на тој народ што не може да воспостави ред во својот дом”. Добро, не е баш онтологија, но некакво филозофирање е!

И, трета цел е Мијалков да се прикаже како маченик, кој свесно, речиси доброволно, го ставил својот живот на олтарот на татковината. Небаре бил бомбаш-самоубиец, а не жртва во сообраќајна несреќа. За таа цел, ископан е негов цитат во кој рекол: “Слушајте вие синови на татковината, јас ако загинам тоа сакам да биде на олтарот на слободна Македонија, обична смрт не сакам”. Она што во овој момент не ни го соопштува авторот, е КОГА Мијалков го кажал тоа? Ако го кажал јавно, јасно и гласно, да речеме во 1950 година, таа желба ќе му била исполнета веднаш. Дури и да го кажал во 1980-та, би бил голем визионер. Она што подоцна го дознаваме е дека такви работи Мијалков навистина кажувал во 1991 година, кога како министер за внатрешни работи чувствувал дека му се заканува опасност од југословенските безбедносни служби!

Со ваквите три грандиозни, мегаломански цели, кои си ги поставува пред себе, авторот на монографијата на Мијалков самиот себеси се ставил на танталови маки. Живиот и реален Мијалков, кој се појавува на моменти од неговите дневници, белешки и сведочења, му го расипува трудот на Ристовски, па овој мора да го камуфлира, да го правда, дообјаснува, запеглува… Човекот-Мијалков, кој несомнено водел богат и исполнет живот, не сака толку лесно да се вкалапи во улогата на митот-Мијалков, што му ја наменил самиот автор или неговите нарачатели, ако имало такви!

_tom2198

НОВ ХЕРОЈ ОД НОВО СЕЛО

Приказната за Мијалков тече хронолошки. Авторот веднаш не носи во Ново Село, штипско, родното место на Јордан Мијалков и постојбина на семејството Мијалкови со генерации. За да нема дилеми со што си имаме работа, авторот прво не информира дека Ново Село – Штипско е основано пред повеќе од илјада години, и тоа од извесен Саманда, по потекло од Кукуш. Тоа што името Ново Село не прилега баш на толку старо село, тоа е веројатно затоа што останатите села во околината сигурно се постари од две-три илјади години. За поткрепа за овие научни вистини, авторот Ристовски цитира еден свој прочуен ем релевантен колега, Александар Донски, специјализиран за длабоко минато!

Освен што е илјада години старо, Ново Село, штипско, веднаш не потсетува писателот, е местото каде учителствувале големите македонски револуционери Гоце Делчев и Даме Груев, што секако извршило големо влијание врз Мијалков, откако се родил во близина на тоа училиште, во 1932 година. Ако од Ново Село излегле такви револуционерни величини, зошто не би можел ним да им се придружи и еден од лозата Мијалкови? Но, за жал на хроничарот, кој темелно се занимава со семејното стебло на Мијалкови, ништо во него не укажува дека на тоа стебло висела некоја берданка, манлихера или барем реденик со фишеци. Односно, претците на Јордан или немале никаков револуционерен стаж, или тоа на авторот не му е познато, ниту од писмените извори ниту од усните искажувања!

И покрај усните сведочења на некоја старица од семејството, дека Мијалкови се „многувековен род” во Ново Село, приказната се ограничува на две колена наназад. Дедото на Јордан, Димко, бил успешен и почитуван трговец, кој пренесувал стоки од Мала Азија за Солун, кој прилично се збогатил и се преселил во Штип. Бил човек кого повеќе го интересирала песна, музика и забави, и изгледа не се плеткал во високи политики. Авторот не открива ниту, дали дедо Димко, како богат чорбаџија, се јавувал во улога на финансиер на револуционерните движења во тоа време. А барем толку можел да напише, зашто такви работи и денеска тешко се проверуваат!

Таткото на Јордан, Михајло, инаку најстар од осумте деца на Димко, бил чевлар. И тоа релативно успешен. Пред Втората светска војна имал дуќан во центартот на Штип. Историчарот не не информира, дали Михајло за време на војната се занимавал со политика, дали бил во партизани или слично, иако ја опишува општествено-политичката ситуација во тоа време. Дознаваме само дека Михајло, таткото на Јордан, по војната повторно работел како чевлар, овојпат во новоформираната Народна чевларска задруга, а неговата сопруга Благородна, во градската фурна. Децата Јордан и Надежда се веќе прканати, но, во нивното семејство, а и во градот воопшто, владее голема немаштија. Сиромаштијата во голема мерка ќе го обои целото детство на Мијалков, а ќе го следи се до студентските денови!

ИМА УШТЕ ДВА-ТРИ ДЕЛА..!

Поради бурните настани во кои се живеело веднаш по војната, малиот Јордан Мијалков претерано рано се исполитизирал. И тоа под влијание на мајка му Благородна, која го поттикнувала неговиот интерес за нашето славно минато, ни открива Ристоски. Кога го имате ова на ум, нема да ве изненади ваков пасус за размислувањата на 12-годишниот Мијалков:

“Како резултат од стекнатата слобода по Втората светска војна, тој (Јордан Мијалков) ги почувствувал новите промени во земјата, што настанале по ова прашање, бидејќи македонскиот народ земал активно учество во антифашистичката и националноослободителна борба, при што загинале над 25.000 македонски синови и ќерки. Неизмерно се израдувал на создавањето на асномска Демократска Федеративна Македонија, но не можел да се помири со фактот зошто Македонија и натаму останала поделена на четири дела”, не информира Ристевски за политичките гледишта на младиот Јорданчо!

Сепак, изгледа малиот Мијалков не бил политички вундеркинд баш за се, што дознаваме од овој цитат:

“Јордан тогаш бил многу млад за докрај да ја разбере трагедијата што ја доживеале 9.000 прогонети македонски деца. За да одговори на овие прашања, тој секогаш се потпирал на својот народ, бидејќи само нему му верувал и од него закрепнувал”.

Авторот го опишува малиот Јордан како слабечко момче со среден раст, пргав, темпераментен, весел по природа и зборлест, сакал се да знае и во се да биде прв. На училиште не бил баш во првите – основно училиште (сега четврто) завршил со добар успех, па се запишал во тогашната нижа гимназија. Имал склоност кон музиката и кон спортот, пеел и свирел на хармоника, а играл фудбал, ракомет и други спортови, ама, најомилен му бил боксот, кој ќе одигра важна улога во неговиот живот.

Особено важно е тоа што Мијалков цело време водел дневник, што му ја олеснува, а на моменти и му ја отежнува работата на авторот на неговата биографија. Во тоа време, сиромаштијата на неговото семејство била голема, па Мијалков во дневникот ги бележел сите своите размисли и чувства на таа тема: “Не знам јас дали човек во ваква економска мизерија може да преживее”. Ристовски овие делови обилно ги цитира и анализира, обидувајќи се во нив да ги детектира идеолошките основи за подоцнежното продемократско и национално зреење на Мијалков. Некои белешки не се уште во тој дух, па биографот мора да ни соопшти дека се кажани во иронија. На пример: “Ако, ако страдаме ние, и во овие тешки денови се ќе пребродиме, само и понатаму да ни живее другарот Тито!”. Се разбира, кажано во иронија, толку својствена за основците од 1948 година!

Немаштијата навистина го тиштела малиот Јордан, кој бил многу револтиран, но, уште оттогаш осознал дека е опасно јавно да се изнесува критичко мислење. Тоа го гледаме во следниот пасус од неговиуот дневник: “Од вечните кодоши јас тешко можам да се одбранам, затоа и натаму молчам… Во ова време се случуваат постојани афери и притворања, убиства и општи блокади. Денес човек може лесно да настрада само за еден кажан збор, а не за друго…”!

810-811-mijalkov-bokser

БОКСЕРСКА КОНСПИРАЦИЈА

Со вакви сознанија за животот, Мијалков се запишува во 1948 година во Штипската гиманзија, веднаш во неговото соседство. Биографот не’ запознава со неговиот секојдневен ученички живот, како спортски, така и културно-забавен, со неговите другари, меѓу кои некои и нам познати (Ѓорѓи Наумов), заклучно со почетоците на неговата конспиративна дејност. Имено, не информира Ристовски, боксерската активност на овие напредни младинци, била само маска зад која се криела интензивна илегална патриотска активност, од позиции на македонски иредентиазам и сепаратизам. Името на таа организација било ВМРО-ПРАВДА, а целта и’ била да се бори за независна и обединета Македонија, и да ги шири тие идеи меѓу средношколската младина. Под закрила и помош, разбира се, на боксерските клубови, кои ги имало во цела Македонија!

Овие сознанија нашиот историчар ги црпи од некое дело во ракопис од извесен колега, публицист, по име Ѓорѓи Доцев-Бонев, насловен како “Незаборавно другарување”. Како и од сеќавањата на спомнатиот Ѓорѓи Наумов, соученик на Мијалков и поранешен министер за правда. Во самите дневници на Мијалков нема спомен за оваа организација, или Ристовски не не информира за тоа. Тој не пушта по инерција да подразбереме дека и Мијалков бил член на ВМРО-ПРАВДА и ни ја раскажува целата историја на оваа организација, што ја наоѓа кај Донев. Таа младинска организација била многу разгранета во цела Македонија, па дури и во соседните, окупирани делови на Македонија, иако послабо.

Југословенската тајна служба, УДБА, на 24 мај 1950 година во визбата на штипската гимназија уапсила неколку активисти на ВМРО-ПРАВДА, меѓутоа, Јордан и неговите најблиски другари не биле меѓу нив. Уапсените, кои биле дури 40, биле испрашувани во штипскиот затвор, но никого не предале, па така Јордан и другарите не се нашле во опасност. Од овие 40 обвинети, девет биле осудени на затворски казни и биле на издржување во скопскиот затвор Идризово. Сепак, она што збунува е природата на тие обвиненија и осуди за затворски казни. Ристовски наведува дека активистите на ВМРО-ПРАВДА биле осудени “за дејствување против југословенските народи и уривање на ФНРЈ”, а во фус-нота појаснува дека “Се работи за ИБ”, односно за Резолуцијата на Информбирото!?

Тоа значи дека дотичните деветмина биле осудени пред се како просоветски ориентирани елементи, а не за непријателска активност од позиции на македонски национализам и сепаратизам. Што е доста веројатно, затоа што во тој период тоа била главна цел на прогоните – пресметка со сталинистите, вистински или измислени, сеедно!

Нејсе, како и да било, не е доволно поткрепено тврдењето дека Мијалков некогаш членувал во ВМРО-ПРАВДА, што очигледно му е многу важно на авторот Ристовски. Она што може да се поверува и што е поизвесно, е дека Мијалков цело време го следела сенката дека бил близок на таа група, колку тој да се обидувал да го негира тоа. Говорејќи на општо ниво, Ристовски ни потврдува дека токму таков бил амбиентот по овој удар на УДБА врз таа младинската патриотска организација.

“После овие политички настани, другите учесници на ВМРО-ПРАВДА останале анонимни, односно извесно време ја стивнале својата активност. Повеќето од нив решиле да заминат надвор од земјата, а тие што останале немале друг избор освен да се приклучат кон процесот на изградба на НР Македонија, односно ФНР Југославија” – пишува Ристоски. Со други зборови, да ја докажуваат својата правоверност!

(продолжува)

Поврзани новости