Поранешниот потпретседател на СДСМ и еден од предводниците на платформата „Разговори за иднината во 12:05“ Игор Ивановски возврати на обвинувањата што на нивна сметка доаѓаат од Бихаќка. Како што вели – лидерот на СДСМ и групата околу него станале фракција во партијата. Во изјава за медиумите денеска тој посочи дека на Филипче ќе му достават План за консолидација и структурни промени, за кои тврди многупати се разговарало во партијата и му порача на партискиот лидер да ги прифати за, како што рече, доброто на партијата.
„Јас знам дека на Венко Филипче му е тешко и ќе му биде уште потешко, но не смее да ѝ биде потешко на СДСМ. Тој има шанса, макар на крајот, да со своите постапки помогне да оваа во момент заробена партија се отвори и се врати на членството. Венко Филипче и групата со нивното однесување станаа фракција во СДСМ, членството е на наша страна, во огромно мнозинство“, рече тој.
Присуството на трибина на Левица, која ја претставуваше пратеникот и портпарол на партијата Амар Мециновиќ, за поранешниот потпретседател на СДСМ Игор Ивановски е доказ дека фронтот против поддржувачите на актуелниот претседател на партијата се шири.
Наспроти обвинувањата од СДСМ дека членовите на Платформата се медиумски спонзорирани од портали и новинари блиски до премиерот Христијан Мицкоски, додека Венко Филипче посочи дека тие со пуч сакаат да ја преземат партијата.
Инаку на денешната, втора по ред, трибина на демократската платформа „Разговори за иднината во 12:05“ која беше посветена на јубилејот од етаблирањето на независна и суверена Македонија со наслов „35 години потоа…“ учесниците , според соопштеното по трибината, се согласиле за повеќе нешта.
„На втората сесија ги задржавме истите принципи. Поканетите учесници припаѓаат на три неформални групи на општествени чинители. Едната група се влијателни граѓански активисти кои никогаш не биле членови на политички партии, другата група се гласни актуелни опозициски вршители на јавни функции и третата група се истакнати припадници на различни генерации на СДСМ. Разговорите #2 исто така се одвиваа согласно традиционалното демократско начело „Chatham house rules“, соопшти Платфромата.
„Учесниците на денешните разговори заеднички заклучија:
– Во овие 35 години во општествено политичка смисла имаме повеќе ненаучени лекции отколку суштински системски прогрес.
– За меѓународното етаблирање на Македонија беа направени болни компромиси кои предизвикаа долгорочна поделба на македонското национално ткиво, што веќе со децении ги обременува процесите на неопходни внатрешни реформи кои ги надминуваат мандатите на една или друга политичка Влада.
– Симболиката на 12:05 како порака дека веќе е доцна – но не смееме да дозволиме да стане предоцна за Македонија е парадигмата за долго очекуваното полноправно членство во ЕУ и одамна заслужените придобивки.
– Предолгата и неправедна транзиција беше фатална за огромното мнозинство граѓани, а приватизацијата на општествениот капитал од поранешната СФРЈ направи сурова поделба на супер богати и драматично сиромашни работници и семејства.
– Македонија перманентно старее во демографска смисла, поради економското иселување на младите кое добива епидемиски размери што прави да живееме во реалност на ново печалбарство кое предизвикува драматична кадровска ерозија.
– Досегашниот мандат на Владата на ВМРО-ДПМНЕ поради недостатокот на искрена борба со криминалот и корупцијата, немањето волја за вистински реформи во правосудството и другите клучни сектори, затајувањето во основните сервисни функции кон повеќе категории граѓани, финансиската неликвидност и серијата други лажни ветувања и сериозно изневерени очекувања, ја става актуелната власт на врвот на ранг листата на неспособни Влади.
– Традиционалните партии олицетворени во сегашните раководства на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се претворија во идеолошки осиромашени партиски множествa на лојалисти и луѓе кои немаат ниту визија ниту знаење како да ги решат напластените проблеми.
– Прогресивната демократска јавност има обврска да ги порази политикантите, поради кои политичко општествениот ангажман стана неприфатлив, срамен и поради кои сите што можат да придонесат за иднината ја избегнуваат политиката.
– Првата задача е обврската конечно да го промениме изборниот модел и тоа во прва фаза да воведеме една изборна единица, а во втора фаза отворени листи што ќе овозможи суштинска реформа, вистинска демократизација, репрезентативност и разноликост на политичката понуда во работата на Собранието и останатите институции, како и реална и мерлива одговорност на пратениците пред народот.
– Воспоставување на правичен даночен систем кој ќе овозможи прераспределба на богатството така што ќе обезбеди брзо и одржливо намалување на сиромаштијата.
– Крајно време е да ги напуштиме досегашните поделби, бидејќи веќе го немаме луксузот да избираме меѓу добро и подобро, бесконечното делење по различни основи е заблуда на длабоките партиски и етнички ровови.
– На Македонија ѝ е потребен Нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал за промени“, соопшти Плафтормата 12.05.
На дебатата учествуваа: Игор Ивановски (модератор), Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Никола Ќуркчиев, Славјанка Петровска, Амар Мециновиќ, Емир Чориќ, Мирослав Јовановиќ, Ема Нешковска, Димо Велковски, Коста Начевски, Насе Насев, Милена Стевановиќ, Игор Алаџајков, Милена Цветановска, Костадин Ацевски, Горан Стојковски – Диро, Оливер Стојмановски, Владимир Трајковски, Мартин Михајловски, Ненад Марковиќ, Предраг Трпески, Драган Миновски, Звонко Давидовиќ, Марин Гавриловски, Ивор Мицковски, Сретен Богоевски, Висар Вишка, Љубиша Николовски, Умејр Мухамеди, Невзат Умер, Бојан Столевски, Даријан Главинац, Нури Неџипи, Влатко Неделковски, Ристе Костовски, Христијан Божиноски и Александар Бајдевски (со онлајн обраќање).