Вмровецот Јордан Мијалков бил голем пријател со последниот комунистички министер на полицијата?

by Fokus

fokusova-arhiva

Текстот е објавен на 21 јануари 2011 година во неделникот „Фокус“

Пишувал:

Жарко ЈОРДАНОСКИ

 

Јордан Мијалков дошол на функцијата министер за внатрешни работи во едно навистина турболентно и опасно време. Југословенската федерација веќе била во распаѓање, а во Хрватска беснеела граѓанска војна. Република Македонија имала своја влада, претседател и Парламент и полека ги правела првите чекори кон целосна самостојност. Иако Македонија функционирала како независна држава, на нејзина територија ЈНА се уште имала стационирани значителни воени сили од својата Трета армиска област. Истовремено, могу биле силни локалните општествени и политички сили кои биле лојални и се уште функционирале под команда на федералните органи. Во такви услови постоел голем ризик од судир меѓу армијата, од една страна, и граѓаните и полициските сили, од друга. Затоа било важно да се избегнат провокациите и осамостојувањето на земјата да помине без војна. Во таква ситуација, кога АРМ уште не е формирана, Министерството за внатрешни работи било од пресудна важност како главен орган на моќ и стожер на новата и кревка македонска држава.

Во биографијата „Јордан Мијалков и неговото време”, првиот министер за внатрешни работи е претставен како голем реформатор на својот ресор, иако, како што видовме, немал ниту ден стаж во таа работа, а на функција дошол пред се благодарение на приватните, а можеби и некои не толку приватни релации. Авторот Христо Ристовски, малку претерано, му припишува на Мијалков заслуги дека “го срушил” стариот систем на едноумието и го запрел политичкиот прогон на неистомислениците, а со тоа “отпочнал и процесот на демократизација на македонското општество”. Мијалков истовремено ја засилил Службата за државна безбедност, ја обезбедил полицијата со ново поквалитетно оружје и ја зголемил нејзината бројност. Притоа инсистирал во полицијата да се примаат млади, стручни кадри, со развиен патриотски морал, но истовремено бил енергично против партизација на полицијата – не информира биографот Ристовски.

НЕПРИЈАТЕЛИТЕ НА МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ – МОИ НАЈБЛИСКИ СОРАБОТНИЦИ!?

За да добијат на автентичност овие тврдења, а “ликот” на Мијалков да добие уште една “патриотска” димензија, Ристовски ги уфрла во игра прочуените осуммина полициски функционери, кои биле разрешени во 1989 година, поради застапување македонски национални идеи. По судир со тогашното раководство на МВР, предводено од секретарот за внатрешни работи Јован Трпеновски, како и со републичкото раководство на Лазар Колишевски, биле разрешени Слободан Богоевски, Павле Трајанов, Александар Диневски, Станоја Богоев, Беџет Беџети, Гроздан Цветковски, Миле Илиевски и Јован Чамински. Авторот на биографијата не информира дека Мијалков како министер “уште од првиот ден ги примил како најблиски соработници овие разрешени оперативци”. Слободан Богоевски бил именуван за директор на управата за државна, а Павле Тарајанов за директор на управата за јавна безбедност. Се добива впечаток дека Мијалков е заслужен што тие воопшто се вратиле на работа, што не одговара сосем на вистината. Имено, во тој период овие оперативци веќе биле вратени на своите работни места со одлука на судот!

Од друга страна, малку е чудно што Мијалков се потпрел токму на овие кадри, ако се знае неговата блискост со Трпеновски, за која не информира неговиот долгогодишен пријател Киро Камчев, во своите сеќавања. Камчев тврди дека Мијалков негувал многу блиски пријателски односи со Трпеноски, последниот социјалистички министер за внатрешни работи, што само по себе е индикативно. Зошто еден правник во трговска фирма би бил толку поврзан со министерот за внатрешни работи? Дали само затоа што и бил шеф на неговата сопруга Милка, вработена во МВР?

За да ја илустрира оваа блискост, Камчев раскажува како тој и Мијалков, по еден престој во Прага, се враќале со автомобил кон Скопје. Тогаш Мијалков му рекол дека мора да помине во Виена, за да се сретне со министерот Трпеновски, “кого многу го почитува”, зашто таму неговата сопруга била на лечење. И навистина, Мијалков и Камчев ноќевале во некој хотел во Виена, а Мијалков следниот ден со подароци отишол на визита кај сопругата на Трпеновски и таму се сретнал со својот “омилен” министер!

Останува нејасно, како се случило само една или две години подоцна, како наследник на Трпеновски, Мијалков да се здружи токму со неговите лути непријатели – осумтемина токму од него разрешени инспектори? Или Мијалков не држел многу до лојалноста кон личните пријатели, особено кога ќе останат без функција, или неговата врска со “осумтемина” е предимензионирана во неговата биографија!

Дека односите на Мијалков со своите двајца секретари и најважни соработници не биле идилични, сведочи Никола Кљусев во своите сеќавања. Нему Слободан Богоевски веднаш му се видел сомнителен, особено што му го предлагале како кадровско решение и од опозициската СКМ-ПДП. Кљусев веднаш сфатил дека Богоевски е “двоен” човек, а подоцна се уверил дека тие сомневања му биле основани!

“Целосно се стави на страната на една партија и се обиде во многу случаи да не денунцира мене и Мијалков”, пишува Кљусев за Богоевски.

Подоцна Кљусев тврди дека токму Богоевски и Трајанов, во соработка со Наќе Стојановски и Тито Петковски од СДСМ, работеле да го срушат Мијалков од функцијата, односно му го замесиле барањето за разрешување во Парламентот. Можеби токму затоа во монографијата на Ристовски за Мијалков воопшто ги нема сеќавањата на Слободан Богоевски и на Павле Трајанов, иако долго време работеле со него и сигурно имаат што да кажат за својот некогашен министер. Особено што Трајанов и денес е коалициски партнер во владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од внукот на Мијалков Никола Груевски, па можел во тоа име малку да придонесе за “овековечувањето” на славниот вујко!

ПРЕД КАМА И ПИШТОЛ СО – ГРАЧАНИН!?

Како и да е, Мијалков се позиционирал во МВР, ги спроведувал своите реформи, и во тоа покажувал голем ентузијазам. Особено бил агилен во напорите Македонија да се деидеологизира и да се дистанцира од СФРЈ, па ја користел секоја прилика да истакне дека Македонија ќе биде самостојна, а ЈНА мора да се повлече. Авторот на неговата биографија не информира дека тој прв “се пресметал” со портретите не Тито, кои тогаш се уште виселе по канцелариите на Владата и дека го разгорувал патриотизмот кај своите полицајци.

Иако вербално се изјаснувал како голем приврзаник на осамостојувањето, Мијалков цело време одржувал блиски контакти со федералните функционери на СФРЈ. Неговиот биограф, нив ги нарекува “преговори”, иако не може секојпат така да се третираат. Во една прилика, Мијалков дури и го угостил во полуприватна посета првиот човек на сојузната служба за државна безбедност Петар Грачанин, и го одвел во својата куќа во Штип. Таму му ја покажал својата младешка соба украсена со симболите на ВМРО, црвено знаме и прекрстени кама и пиштол!

“Застанавме токму пред нив да се сликаме, за да види Грачанин со кого си има работа – со вистински македонски патриот!” – му раскажувал Мијалков на својот колега од владата, министерот Илија Андонов – Ченто, покажувајќи му ги притоа фотографиите.

Оваа демонстрација на македонски патриотизам, за чудо, не била проблематизирана од Грачанин и од другите гости од Белград, и блиските односи меѓу нив продолжиле се до трагичната смрт на Мијалков, кој за Белград заминал токму на повик од Грачанин!?

Сепак, овие врски на Мијалков добро му дошле уште на почетокот на мандатот да потпише спогодба меѓу воените претставници на ЈНА и МВР, со која двете страни се обврзувааат да се воздржуваат од употреба на сила и евентуалните инциденти да ги решаваат со договор. МВР се обврзала дека нема да ги уништува објектите на ЈНА, дека нема да ги напаѓа војниците и офицерите на ЈНА или нивните семејства. Од друга страна, и ЈНА се обврзала дека ќе се воздржува од употреба на оружје!

Иако се случувале повремени инциденти, несомнено е дека овој договор бил од корист за намалување на тензиите, но тоа ни оддалеку не може да води до “заклучокот” до кој дошол авторот Ристовски во врска со овој потфат на Мијалков:

“Овие преземени мирни акции од министерот Мијалков ќе бидат основно мерило за неговата стекната популарност среде народот, бидејќи тој во најголема мерка во тие тешки денови успеал да ја оддалечи војната и да го зачува мирот на овие простори”.  Ни помалку ни повеќе!
_tom2196

_tom2361

 

 

ЈНА – ОБЕЗГЛАВЕНА БЕЗ ВОЕНАТА ЕВИДЕНЦИЈА?

Во тоа време, главен проблем на македонската влада било тоа што ЈНА се уште регрутирала војници од Македонија и ги испраќала на фронтовите во Хрватска и Словенија, а подоцна и во Босна, каде многу од нив загинале. По првата жртва на кавадарчанецот Сашко Гешковски во Сплит, бројот на загинатите растел, а со тоа растел и револтот кај македонските граѓани. Родителите на македонските “војничиња”, како што невкусно се нарекуваат во книгата, протестирале пред касарните и очајнички барале од владата да ги запре регрутирањата и залудното гинење, но ЈНА немала намера да го стори тоа. Владата дури донела документ и постојано давала изјави во кои ја отфрла и ја осудува војната во другите југословенски републики, оценувајќи дека македонските војници не треба во неа да учествуваат!

Меѓутоа, ЈНА продолжила со регрутирањето и барала бројката на македонски војници на боиштата дополнително да се зголеми. Летото 1991 година на југословенските фронтови биле распоредени 19.000 македонски војници, а ЈНА упорно барала да бидат регрутирани уште 8.000, тврди Тодор Аџисанков, кој во тоа време бил потсекретар во Министерството за одбрана.

Состојбата секојдневно станувала се подраматична, бројот на загинатите се зголемувал од ден во ден, а владините претставници често присуствувале на погребни церемонии. Во еден момент, бројот на загинатите стигнал до 40. Притисокот во јавноста растел, загрозувајќи ја владата. Родителите постојано протестирале и барале владата да најде начин да ги спаси нивните синови и, ако ништо друго, барем да овозможи тие да го служат воениот рок во Македонија. Но, ЈНА тоа упорно го одбивала!

Во таквата очајна ситуација, македонското раководство дошло на идеја да ја заплени воената евиденција, која се чувала во единиците на територијална одбрана, тогаш во надлежност на Министерството за одбрана. Меѓутоа, во тоа време, МО било потчинето на сојузните органи, а на негово чело стоело веоно лице, така што таквата работа морала да се изведе конспиративно и со заобиколување на тогашниот министер, полковникот Ристо Дамјановски. Само делумно бил информиран претседателот Киро Глигоров и неговите најблиски соработници, се присетува Кљусев.

Во биографијата, најголема заслуга за оваа идеја и за нејзината реализација,  му се припишува на министерот Мијалков, но Кљусаев не би бил Кљусев ако во своите сеќавања не си ја припише себе си.

“Еден ден повикав неколку членови од владата и им ја соопштив идејата за одземање на воената евиденција. Единствено министерот Мијалков беше известен претходно од моја страна и заеднички ја разгледувавме можноста за одземање на евиденцијата од ЈНА”, се присетува Кљусев. Сите други во своите сеќавања, пред се Ѓорѓи Наумов и Аџисанков, велат дека идејата прво потекнала од Мијалков и неговите соработници Трајанов и Богоевски, а потоа му ја соопштиле на Кљусев.

Кљусев и Мијалков биле многу сомничави, дека ЈНА ќе дознае за нивниот план, уверени дека КОС е длабоко инфилтрирана во македонските органи за безбедност. Уверени дека ЈНА ги прислушува, наредиле да се изврши “упад” во поштата, но таму откриле само триесетина оперативци кои прислушуваат пред се безначајни личности и странци. Кљусев од ова извлекува заклучок дека КОС на време била информирана и ги повлекла своите оперативци!?

Како и да е, Мијалков и неговите соработници од МВР, пред се Богоевски и Трајанов, како и неговиот близок другар од детството Аџисанков од Министерството за одбрана, без знаење на министерот Дамјановски (кому дури и телефонските врски му биле прекинати) дале налог на сите подрачни единици на територијалната одбрана да ја предадат воената евиденција на полицијата. Во сите општини, освен во две-три, акцијата поминала без проблеми, евиденцијата била натоварена на камиони, па се поставило прашањето, што да се прави со неа?

Постоела идеја, таа да се смести во подрумите на Собранието, со претпоставка дека, ако ЈНА се обиде да ја одземе, тоа би се сфатило како воен удар, но некому во последен момент му текнало дека токму тоа може да биде опасно. Односно, дека тоа може да биде добар изговор за ЈНА да удри врз официјално избраните државни тела и органи на републиката што се отцепува, и да уништи се што дотогаш е постигнато на патот кон осамостојувањето. На крајот се дошло до идеја, евиденцијата да се раздели на многу возачи на камиони, да се разнесе на разни места, по складови, магацини и хангари и така да и се изгуби секаква трага. Така и се направило, акцијата била успешна!

Оваа  операција многу ја разгневила ЈНА, а особено гневот бил насочен кон министерот за внатрешни работи, се тврди во биографијата на Мијалков.  Тој секојднево примал закани, па постојано го менувал местото на престој, имал засилени мерки на безбедност, а некогаш спиел дури и во автомобил!

kljusev

Сличен режим на обезбедување, по наговор на Мијалков, прифатиле премиерот Кљусев и вицепремиерот Блаже Ристовски. Претседателот Киро Глигоров повремено престојувал во разни републички резиденции, а некои политичари, како Стојан Андов, целосно ги отфрлиле мерките на Мијалков, сметајќи дека се претерани и нелогични. Не знаеме колку заканите биле реални, но Мијалков ги сфаќал крајно сериозно и речиси никогаш не се вртел дома или во канцеларија, така што до него било многу тешко да се дојде, за што сведочат негови пријатели од тоа време.

Освен што тврдел дека ЈНА има план за колективен атентат, Мијалков тврдел дека многу е веројатен и воен удар. Во една прилика, Мијалков го одвел Кљусев да гледаат една колона воени оклопни возила, кои доаѓале од Петровец, уверувајќи го дека се тргнати да ја заземат телевизијата, владата и Парламентот, со цел, како што се сеќава Кљусев, да ја “ликвидираат владата”. Кљусев и Мијалков во мракот прво ја пресретнале колоната кај “Белви”, а потоа се вратиле во Скопје, се паркирале на височинката наспроти хотелот Континентал и чекале да видат што ќе се случи. Колоната бавно се движела, што на Кљусев му се видело како цела вечност, а потоа мирно продолжила кон касарната Илинден. Мијалков го уверувал Кљусев дека наредбата сигурно била променета во последен момент, а Кљусев му поверувал!?

“Остана енигма за нас, од која страна доаѓаа наредбите и кој го градеше сценариото за евентуалната акција на Југословенската армија. Дали беа само туѓи или имаше и наши македонски актери во тие подмолни планови”. За нас останува енигма, дали такви планови навистина постоеле или Мијалков му правел “филмови” на Кљусев?

НИШТО БЕЗ ПУШКА

На акцијата за запленување на воената евиденција во биографијата на Мијалков и се припишува клучна улога во запирањето на крвопролевањата на македонските војници и спасувањето на неброени млади животи. И токму врз оваа акција се гради митот за големата и судбоносна улога што ја одиграл Мијалков во осамостојувањето на државата. Во сите сеќавања на современиците, нашироко се прераскажува акцијата “со која се спречил уште еден геноцид на македонскиот народ”, како што ја нарекува Ристовски. Уште малку, па се стекнува впечаток дека ЈНА заминала од Македонија, затоа што Мијалков и ја запленил документацијата!!!

Сепак, иако овој чин има голема симболика за расчистувањето со ЈНА и со СФРЈ, не може да му се припише толку важна улога за запирањето на регрутациите, како што прави Ристовски. Пред се, тука биле другите многу позначајни политички околности и потези што Македонија ги правела на патот кон самостојноста, кои постепено довеле до тоа ЈНА да се откаже од натамошните регрутации. а потоа и да се повлече од Македонија!

Исто така, наивно е да се верува дека ЈНА, покрај евиденцијата од територијалната одбрана, немала ама баш никаква друга документација за воените обврзници и дека во целост се потпирала на републичките органи. Тоа воопшто не личи на онаа централизирана и сомничава воена структура кава што беше ЈНА. Поверојатно е дека и во ЈНА и во Белград созреало сфаќањето дека Македонија е тргната по патот на осамостојувањето и дека регрутацијата наспроти вољата на граѓаните, веќе не и е од корист!

Освен тоа, и без евиденцијата, регрутациите на македонските војници продолжиле уште извесно време. Воената полиција упаѓала во домовите на војниците и присилно ги регрутирала. Владата дури објавила и повик до младите регрути и резервисти за непослушност спрема ЈНА и апел да се приклучуваат кон македонската армија која била во формирање. Полицијата ги информирала семејствата на регрутите и им помагала да се сокријат!

Сепак, за спасувањето на македонските регрути има еден многу поважен настан, опишан дури и во оваа книга. Тоа е бунтот на воените резервисти во Кумановско-кривопаланечкиот регион, кои одбиле да бидат транспортирани на српско-хрватскиот фронт. Пресудно било тоа што овие 700-800 македонски војници, повеќето искусни резервисти, веќе биле вооружени со автоматско оружје. “Во спротивно”, се присетува Кљусев во своите сеќавања, “тешка ќе беше нивната судбина”!

Тие одбиле да заминат на фронт и биле сместени во логор во воениот полигон оддалечен петнаесетина километри од Куманово. Откако не можеле да се договорат со генералите на ЈНА, војниците побарале да разговараат со македонските владини претставници. Командантите на Третата воена област сфатиле дека може да настане голем проблем и дека немаат контрола врз македонските резервисти, па, иако неволно, прифатиле со нив да преговараат македонски функционери. Од Скопје веќе дошле премиерот Кљусев, министерот Мијалков и 4-5 специјалци. Во напната атмосфера влегле во кумановската касарна за да разговараат со заменик-командантот на Третата армиска област, генерал потполковник Троха, и генерал мајорот Вуковиќ, командант на кумановскиот корпус. Кљусев и Мијалков со страв влегле во касарната, но немало назад. Притоа настанал инцидент, кога еден од македонските специјалци, познат по прекарот “Алигатор”, кој стоел пред вратата, му го вперил автоматот на генералот Вуковиќ, затоа што не го препознал. Настанала напната ситуација, генералот збеснал, а Мијалков некако ја смирил ситуацијата!

Потоа, заедно во колона сите тргнале кон логорот со македонските војници, каде Кљусев и Мијалков биле дочекани со овации. Војниците извикувале “Да живее владата на Република Македонија”. Кљусев, опколен од македонските вооружени војници, се охрабрил и одржал пред нив патриотски говор во кој го оправдал нивното барање да не одат на фронт.

“Ова е валкана војна и вие мора да се вратите назад во своите домови, за утре да бидете чувари на нашите македонски граници”, рекол Кљусев. Војниците извикувале, “Да живее независна Македонија! Да живее…”. Генералите биле неврозни, но не можеле ништо да сторат!

Било договорено вечерта војниците да бидат сместени во училишта во Ранковци и во Крива Паланка, а Кљусев и Мијалков за ова ги известиле загрижените роднини, кои протестирале во близина на логорот. Генералите се согласиле војниците да бидат сместени во училиштата, но, за дефинитвна одлука што да се прави побарале неколку дена за консултации. Сепак, уште истата вечер сите резервисти, со помош на полицијата, успеале да си побегнат дома!

Тоа бил прв масовен акт на непослушност кон ЈНА, по кој македонските војници и во други единици почнале да ја напуштаат Југословенската армија и да се пријавуваат во АРМ. По ова, ЈНА сфатила дека не може повеќе да смета на македонските војници и ги прекинала регрутациите. Да не бил овој вооружен бунт, самото крадење на евиденцијата тешко ќе ја постигнело таа цел!

mijalkov-813

МИЈАЛКОВ ГО “АПСЕЛ” АНДОВ СО АВТОМАТ?

Во биографијата на Мијалков, разбирливо, се внимавало да не се појават незгодни епизоди од неговото министерување. Сепак, индиректно, во својата одбрана што ја изложил Мијалков во Парламентот, а која во книгата е пренесена интегрално, се гледа дека тој бил обвинет од опозицијата дека им се заканувал на пратеници и министри со апсење, па дури и дека вперил оружје во претседателот на парламентот, и тоа во неговата канцеларија во Собранието!

За оваа епизода може повеќе да се прочита во книгата “На мој начин” од Стојан Андов. Во екот на кампањата за референдум, кај Андов упаднале Никола Кљусев, Блаже Ристовски и Јордан Мијалков.

“Тоа беше целосно ненајавена и неочекувана посета. До мене седнаа премиерот, до него Ристовски, а до него министерот Мијалков, кој носеше една голема торба. Почнаа нервозен разговор на разни теми, сите поврзани со патриотизмот, кога наеднаш министерот Мијалков стана, ја извади торбата и од неа извади автомат. Го намести автоматот во позиција за стрелање и извика: “А бе јас ќе те уапсам тебе, еееј ќе те уапсам!”!

На ова Кљусев и Ристовски не реагирале, како ништо да не се случува. Кога Андов им објаснил дека тоа е тежок и опасен законски престап, Кљусев го убедил Мијалков да го тргне оружјето, и сите заедно си заминале. Андов сфатил дека ако го пријави овој инцидент, Парламентот ќе изгуби многу време, а пред него била важна расправа за носење на Уставот. Решил да го премолчи и им рекол на сите во канцеларијата да не зборуваат за инцидентот. Сепак, пратениците од опозицијата дознале што се случило и го ставиле овој инцидент во списокот “гревови” на Мијалков во барањето до Парламентот за негово разрешување!

НИКОЛЧЕ СО ВОЛШЕБНО САМАРЧЕ

Опишувајќи ги тие години на опасно живеење, Ристовски не запознава низ какви се маки поминувал министерот Мијалков за да ги избегне замките на југословенската контраразузнавачка служба:

„Денот го минувал пред зградата на МВР и цело време престојувал во своето службено возило. До него тешко можело да се дојде, бидејќи од сите страни бил надгледуван од тамошната полиција. Сепак, тој критичен ден, неговиот внук Николче успеал да му однесе храна. При збогувањето, вујко му му ја вратил храната. Може сестра му на Јордан, Наде, има право кога вели дека: “На брат ми не му дошло до мојата пита, туку тој сакал за последен пат да се збогува од својот внук Николче, бидејќи него многу го сакаше”. Од безбедносни причини, Јордан во тоа време ноќевал во вилата на познатиот стоматолог Андреја Зафировиќ на Водно”, пишува авторот Ристовски врз основа на усмените сеќавања што му ги пренела Наде Груевска, сестрата на Мијалков!

(продолжува)

 

 

 

 

Поврзани новости