Бесчестие

by fokus

Пишува: Гордана ПОПСИМОНОВА

 Грешки се случуваат. И глупости се случуваат. Се случуваат и малери, пехови и непредвидени ситуации. И сето тоа е дел од животот. Како што животна судбина е да бидеш обичен, анонимен, ненаметлив човек, кој ќе ги потроши годините борејќи се за егзистенција, барајќи среќа во ситни нешта и уште поситни задоволства, или по некаква игра на судбината да бидеш од млад во врвовите на власта и моќта.

Во мојата волшебна земја Македонија, волшепството се состои во тоа што животот е како во бајките на Андерсен. Никогаш не знаеме што ќе биде од нас и со нас.

Можеме да учиме високи школи, ноќи и денови да поминуваме над книги или во лаборатории, младоста да ја изарчиме по колоквиуми, магистратури или докторати и, во најдобар случај, да завршиме како „почитувани“ универзитетски професори со 500 евра плата. Или во помалку добар случај, научната кариера да ја продолжиме како таксисти, гранапчии или ноќни чувари, а сѐ почесто како емигранти.

Сѐ зависи од трите наречници, или добрите самовили, кои некому наместо знаење и ум, му даруваат вештина за лепење плакати, брзо трчање од штаб до штаб, благовремено и правовремено клатење со главата, лажење, мамење, лицемерие и неморал, како генерален и проверен предуслов за занимавање со политика, стекнување сила и право на одлучување во името на народот.

И така, во светот на македонските приказни, министер се станува на 25 години, директор на јавно претпријатие на 23, а премиер на 30 и кусур. И сите си живеат среќно и весело јавајќи како принцови на бели коњи, односно црни мерцедеси, прогласени од сите светски релевантни оценувачи како успешни политичари и менаџери, кои ја водат најуспешната и најнапредна економија на светот.

За инает на лошите вештерки, соросоиди, странски платеници, хомосексуалци и народни непријатели, кои сакаат да им го загорчат животот ситничарејќи за ситници. Како, на пример, за некакви си сообраќајни незгоди, навреди на новинари, медиумски темничишта, крадење на демократијата и злоупотреби на функциите.

Ние сме злобните, лошите и неморалните и како такви сме грешни, а тие се добрите, силните и мудрите, а како такви, имаат право на ситни, ненамерни и маргинални грешки. Всушност, тоа не се ни грешки, туку ситни, мали, незабележливи грешкички, дозволени за големите луѓе. Колку да се знае дека, сепак, се луѓе.

ЖОЛТА ПОЛИТИКА

Давор Сучиќ, познат под уметничкиот назив Сејо Сексон, гитарист и основач на босанскиот бенд „Забрањено пушење“, своевремено за списанието „Ферал трибјун“ даде една изјава, која деновиве интензивно се случува во Македонија. Политичарите, вели тој, во поново време ни го украдоа лебот нам, на чесните естрадни работници. Тие ја забавуваат „рајата“, тие ги кршат автомобилите, тие ги тепаат сопругите, односно сето она за што своевремено беа задолжени рокерите. „Веќе не знам што да работам, бидејќи тие ги презедоа и медиумите“, изјавил Сексон.

Минатиот викенд, главните естрадни ѕвезди во Македонија беа дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, и вицепремиерот Владимир Пешевски, кои во најдобрите манири на сензационалистичкиот жолт печат, кој се занимава со турбофолк озборувања и скандали, направија скандали.

Првиот, ќор-пијан имал ноќна бркотница низ скопските улици, исчукал неколку автомобили, вклучувајќи го и неговиот службен, за потоа да им скубне на полицајците оставајќи ја својата придружничка. Другиот, трезен, ѓоамити испровоциран од несоодветно јавно поставено прашање на прес-конференција, на новинарката сосема трезвено ѝ одговорил со контрапрашањето – дали нејзините родители знаат дека е проститутка.

Следејќи ја буквално мудроста на Бертранд Расел, според која, научниците се трудат од невозможното да создадат возможно, а политичарите од возможното невозможно, партијата ВМРО-ДПМНЕ застана во одбрана на својот дополнителен заменик-министер, со едно неверојатно соопштение во кое вината се префрла врз опозицијата.

Во објавата се споменуваат и некакви лица што го гонеле кутриот Спасов, а владиниот соопштувач на вечните вистини, порталот Курир, соопшти дека се работело за етнички Албанци од СДСМ, кои со дебели криминални досиеја под мишка, го бркале низ Скопје. Момчето со самовилски благослов да стане министер на 27 години, добил толку силен уплав од страшните Албанци, од дебелината на нивните затворски досиеја и засмрдени мишки, што им избегал дури и на полицајците.

За разлика од него, харизматичниот вицепремиер не избегал од новинарката што ја навредил, освен што повремено брка новинари за да се пресмета со нив.

Македонската жолта политика забревтано граби напред, исполнувајќи ни го животот согласно стариот еврејски благослов – да даде Бог да живееш во интересни времиња. Со тоа што нашите времиња македонски, душа дале да се удавиш во нив, смеејќи им се до солзи на лудориите што ни ги носи нашиот дух на времето.

Со тоа, што солзите не се само од смеа, а сеирот не е само уживање, иако тешко ми доаѓа да не се воодушевувам на непресушната инспирација на дежурните фејсбук-мајтапчии и нивниот предлог Македонија да промовира свој пандан на шкотското виски Џони Шетачот (Johnnie Walker), кое би се викало Диме Бегачот.

Колку и да се урнебесни нашите автентични, домицилни политички збиднувања од жолтата страна на реалноста, истата таа реалност е невозможна. И тажна. До плачење.

МОРАЛ?

Можам да набројувам стотици примери на нормални политичари од нормални држави, кои, фатени во злоупотреба, грешка или лага, даваат оставки од морални причини. Демисијата често се извршува и поради сомневања, кои не мора ни да се докажани.

Така е бидејќи според непишаните правила во политиката, лицата што се на чело на државата, треба да го претставуваат најдоброто од таа држава. И во поглед на образованието, и во поглед на високите морални норми и скрупули, и во поглед на отчетноста и одговорноста, како и во поглед на способноста и лојалноста кон заедничките интереси, бидејќи, според Алберт Ајнштајн, државата е создадена за човекот, а не човекот за државата.

Со други зборови, ако тој што ја води државата, која му е пред сѐ, доколку со своето поведение или одредена одлука ги искомпромитира (изигра) нејзините интереси, во име на државата се повлекува. Си дава оставка, затоа што политичарот е човек со чест, а токму честа, меѓу другото, е она со кое политичарот ја освојува довербата на гласачите.

Заминувањето од функцијата, редовно е проследено со јавно извинување и признавање на сопствената грешка, заблуда или глупост. Зошто? Затоа што политичкиот морал претпоставува рамнотежата меѓу политичкото дејствување, кое претставува чесно стапување на функција, но и чесно заминување од истата.

За разлика од брдовитиот Балкан и ридестата Македонија, каде што политиката е бурлеска. Со алаш-вериши и абракадабра ветувања се зграбува власта, а потоа со поткупи, уцени, клиентелизми, партиски протекционизми, популизми и медиумски пропаганди, грчевито се држи по секоја цена. Во таков амбиент и конструкција, политичари стануваат случајни луѓе прибрани од улица, кои ниту од аспект на моралот, животното искуство, способностите, а најмалку од патриотски побуди и долг кон заедницата, не се за таму каде што се.

Државно раководство стануваат манипуланти, криминалци, неизживеани тинејџери, искомплексирани неранимајковци и ситни шверцери, а државата – распашана команда во која костумосани битанги прават кафеански баханалии од илјадници евра, користат хотели со пет ѕвезди и си ги развозуваат љубовниците во службени џипови.

И кога велам дека не е проблемот во една партија, која по сосема случајна игра на судбината донела шутраци и уличари на власт, мислам на тоа дека дојдено е времето да се промени нешто суштинско во мојата чудесна земја. Владеењето на ДПМНЕ не е феномен настанат од нигде-никаде, туку е само сосема природна и очекувана последица од цела серија претходни дефекти, кои си ги прифаќаме здраво за готово и на „жими мајка“.

Грешките постојат за да се исправат, а не за да се повторуваат. И во духот на целиот текст кој е инспириран од мудри мисли на уште помудри луѓе, ќе го цитирам францускиот книжевник Антоан де Риварол, кој уште пред три века кажал една вонременска реченица: „Народот ја дава својата наклонетост, а не својата доверба“.

Кој разбра, разбра.

 

 

Поврзани новости