ВМРО вечер ќе ги објави пратеничките листи: Силјановска, Николоски и Дурловски се сигурни носители

by Фокус

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечер на партиските органи треба да ги утврди кандидатите за пратеници за априлските парламентарни избори. Како што велат високи партиски извори, веќе е донесена одлука за носителите на 3 изборни единици, додека за другите 3 изборни области се уште се калкулира и се прават последни анализи.

Според информации на Фокус, универзитетската професорка Гордана Силјановска – Давкова ќе биде носител на пратеничката листа во првата изборна едница, партискиот потпретседател Александар Николоски ќе ја предводи листата во четвртата изборна област, додека оперскиот пејач Игор Дурловски ќе биде носител во „петтката“.

Според партиски извори, еден од потенцијалните кандидати за носител на листа во третата изборна единица бил кардиохирургот Сашко Кедев, меѓутоа тој одбил да истрча на изборите, така што моментално најсериозен кандидат останува партискиот генерален секретар Игор Јанушев.

Што се однесува до втората изборна единица, дилемата е дали носител да биде потпретседателот Игор Мисајловски или поранешната министерка за труд и социјала Рашела Мизрахи, која подоцна се вклучи во политичкиот живот и се најде на испитувањата на јавното мислење.

Партискиот генсек Јанушев денеска изјави дека дека листите се уште се во фаза на селекција, истакнувајќи дека на нив нема да има стари и компромитирани кадри.

-Во попладневните часови ќе се одржи седница на највисоките органи на партијата, по што во јавноста ќе ги објавиме сите 120 имиња на кандидати. Она што можам да го кажам е дека тоа нема да бидат стари и компромитирани кадри, односно дека нема на никој начин да бидат кадри какви што нуди СДСМ – рече Јанушев.

В.С.

Поврзани новости