ВМРО-НП: Зошто го немаше Груевски на свеченоста за најголемата џамија на Балканот?

by Фокус

ВМРО – Народна партија денеска ѝ честитше на власта предводена од ВМРО – ДПМНЕ за експедитивноста во издавањето на документацијата во врска со изградбата на најголемата и највисока џамија на Балканот што деновиве стартуваше во Скопје.

„Значењето е уште поголемо што тоа ќе биде исламски центар со образовни и научни содржини, со амфитеатар, библиотека и со читалници за едукација на студентите кои ја изучуваат исламската теологија. Со оглед на сегашните демографски показатели и движења за бројноста на муслиманите во државава, ова е сосема нормално и за поздравување. Меѓутоа, неприсуството од страна на власта на свеченоста при поставувањето на камен темелникот со кој започна изградбата на еден ваков импозантен верски објект, ја доведува во заблуда целокупната македонска јавност, која е навикната дури и за најмали објекти од типот на училишни игралишта, маалски клупи по парковите и улички да го гледа лично премиерот  како ги отвара. Исто така, не можеме да го разбереме премолчувањето на провладините медиуми за најголемиот верски објект што ќе биде изграден во Македонија, да не се каже ниту еден збор или коментар во пишаните и електронските медиуми со што се добива впечаток на прикривање на настанот“, стои во соопштението од партијата на Љубчо Георгиевски.

Поврзани новости