ВМРО-Народна партија соопшти дека го поздравува постигнатиот првичен политички договор на четирите најголеми политички партии, но истовремено изразува жалење и големо разочарување поради пропуштената можност токму во овој момент со повеќе законски предлози и решенија преточени во системски мерки да се изгради стабилен изборен систем кој ќе гарантира фер и демократски избори.
„Продолжува маргинализирањето на помалите политички партии кои се непроценливо богатство во процесот на демократизација на сите општества. Посебно зачудува незаинтересираноста на опозицијата да се избори за конструктивните предлози на помалите политички партии во прилог на зајакнување на изборниот систем, како на пример Македониија да биде една изборна единица без квалификациски праг, идентификација на гласач по пат на отпечаток, зајакнување и персонално и функционално на Државната Изборна Комисија, поригорозни закони за изборни манипулации и за функционери кои ќе вршат притисоци и други злоупотреби што произлегуваат од нивната функција, како и утврдување на посебни мерки за неутрализација на можни нерегуларности од изборните комисии“, стои во соопштението на ВМРО-НП.