Верушевски осуден на 3 години затвор за поседување на пиштол

by fokus

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, денеска во Основниот суд – Скопје 1 беше осуден на 3 години затвор за нелегално поседување на службен пиштол, кој го добил токму додека бил прв човек на тајната полиција. По изрекувањето на пресудата, Верушевски сакаше да се обрати пред новинарите, меѓутоа судијката Ленка Давиткова не му дозволи, па единствено успеа да извика дека ова не е правда туку патологија. Сепак тој, достави писмена изјава, во која пишува:

„Ова не е правда, ова е партиско-системска патологија, агресија врз слободата и демократијата, врз владеењето на правото и правната држава, врз човековиот интегритет и достоинство. И јас, исто како и Зоран Заев, овој суд не го признавам зашто не може да го сопре времето да слободата и демократијата, која со сета своја силина доаѓа во Република Македонија“.

Полицијата најпрвин го гонеше Верушевски за поседување на два пиштола, но подоцна обвинителството оцени дека незаконски го поседувал само службениот пиштол. Адвокатот Ангеле Илиевски  во текот на постапката образложи дека Верушевски има оправдување за двата пиштоли, , односно едниот го добил во 1983-та додека вршел службена должност и е регистриран во евиденцијата на МВР и за него не треба дозвола. И вториот, вели Илиевски, е регистриран, а Верушевски го добил како награда во 1997-та од тогашниот министер за внатрешни работи Томислав Чокревски.

Верушевски, пак, тврдеше дека немал добиено барање од МВР да го врати пиштолот, а за тоа не е предвиден ниту временски рок.

Поранешниот шеф на тајната полиција е осомничен и во случајот „Пуч“, заедно со лидерот на СДСМ Заев.

Поврзани новости