ВМРО-ДПМНЕ: Заев ветуваше ЕУ, а заврши со „Мини Шенген“

by Fokus

Зоран Заев ветуваше Европска Унија (ЕУ), а заврши со „Мини Шенген“ и Западен Балкан, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако утрово премиерот имаше состанок со српскиот претседател, Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, со кои најавија потпишување на регионални договори.

-Регионалните соработки на земјите од Балканот секогаш биле, се и ќе бидат поздравени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но тие не се ни приближно тоа коешто Зоран Заев и СДСМ им го ветуваа на граѓаните. Членството во ЕУ и широкото семејство на европските народи се вистинската иднина на Македонија, која нема алтернатива. Зоран Заев и СДСМ дојдоа на власт во 2016 година токму со овие ветувања и 4 години ја замајуваа јавноста со истите флоскули, без да направат суштински поместувања и реформи. Алтернативата ’Мини Шенген‘ е само блед обид на Заев тоа да го прикаже како некаков успех на неговата политика, која доживеа фијаско како на меѓународен, така и на домашен план. „Мини Шенген“ иницијативата не смее да остане наша иднина која ќе го затвори европскиот пат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во заедничката изјава на Заев, Вучиќ и Рама, објавена денеска, се порачува дека во ситуација кога има потешкотии во процесот на проширување, тројцата лидери веруваат дека со ќе пронајдат нови начини, политички области и финансиски инструменти за да ги зајакнат постоечките капацитети, да го подобрат односот со ЕУ и постепено да го интегрираат регионот кон Европскиот единствен пазар. Но, истовремено порачуваат дека остануваат посветени на патот кон ЕУ бидејќи на земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ исто колку што тие ѝ се потребни на Унијата.

Поврзани новости