Германија планира нови рестрикции за влез во земјата поради Делта сојот

by Fokus

Хелге Браун, шефот на кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, за јавниот сервис АРД и ЦДФ изјави дека не исклучува дополнителни, можеби и задолжителни тестирања, заради запирање на ширењето на Делта сојот на коронавирус, пишува „Дојче Веле“.

-Во никаква форма не се изјаснивме против заострени правила, изјави Хелге. Германија со двонеделниот карантин за повратниците од областите каде е раширен Делта сојот веќе има построги правила во европски рамки. „Слабата точка е што другите земји во Европа тоа не го прифаќаат“, истакна Хелге.

Во Германија сѐ погласни се барањата за построга контрола на германските туристи кои од одмор се враќаат во земјата. Брзото ширење на Делта мутацијата во Германија е причина поради која сѐ повеќе покраински премиери инстистираат на заострување на правилата во однос на тестовите и карантинот за луѓето кои влегуваат во земјата.

Според моментните правила, пред влез во Германија мораат да се тестираат луѓето кои доаѓаат, односно се враќаат од земји кои се наоѓаат на една од тие листи, а сите останати мора да покажат негативен тест. Поради падот на бројот на нови инфекции, во последно време многу туристички дестинации се „избришани“ од листата на ризични, односно подрачја со висока инциденца.

Сите повратници од тие земји (кои патуваат на пример со автомобил) засега при враќањето во Германија не мора практично да внимаваат на никакви ограничувања. За сите оние кои се враќаат со авион, сепак постои генерална обврска за тестирање при повторното стапнување на германска територија.

Сите патници со авион, без оглед дали се враќаат од корона-ризично подрачје или не, пред влез во авион мора да покажат или негативен тест или потврда дека се комплетно вакцинирани, односно потврда дека прележале Ковид-19.

 

Поврзани новости