Падна пресудата за професорите кои се товареа дека барале секс и мито

by fokus

Апелацискиот суд го врати на повторно судење случајот „Еразмус“ кој се судеше неколку години и во којшто беа прогласени за виновни поранешниот декан на Економскиот факултет, Бобек Шуклев, неколку други професори од овој факултет и еден демонстратор дека земале мито на студенти и барале сексуални услуги.

Одлуката да ги прифати жалбите на обвинетите и да го врати случајот на повторено судење, Апелацискиот суд со совет составен од судиите Јани Нича, Тања Милева и Јусуф Ајрулахи ја донел на 15 јуни, а денеска е јавно објавена.

Второстепениот суд единствено ја потврдува пресудата за професорот Стојан Дебарлиев кој доби ослободителна пресуда, додека за другите професори, Шуклев, Славе Ристевски, Драги Јанев и демонстраторот Драган Денковски пресудата се укинува и случајот се враќа на повторено судење.

-Првостепениот суд не утврдил со сигурност дали обвинетите во конкретниот случај имаат својство на счужбено лице во смисла на чл.122 ст.4 од Кривичниот законик, со оглед дека истите како што утврдил судот биле професори на Економски факултет за кои се применуваат одредбите од Законот за високо образование, согласно кој закон, во член 10-в е пропишано дека вработените во високо образовните установи вршат работи од дејноста на образование и наука и имаат статус на даватели на јавни услуги во високо образовните установи и за нив се применуваат одредбите од овој закон, одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи. Во таа насока и согласно член 4 од истиот закон е пропишано дека дејноста на високообразовните установи е од јавен интерес.

Првостепениот суд во образложението на обжалената пресуда не дава правна аргументација врз основа на кои факти утврдил дека обвинетите како професори на Економски факултет имаат својство на службени лица и дека во такво своjство ги преземе противправните дејствија опишани во изреката на пресудата, а кое нешто е од решавачко значење по однос на противправните дејствија на обвинетите и квалификацијата на кривичните дела, се вели во дел од одлуката на Апелација.

Пресудата за професорите беше донесена на 9 март минатата година и според неа, Славе Ристевски и Драге Јанев беа осудени на 2,5, нивниот колега Шуклев на две години затвор за земање пари од студенти за полагање на испити. Демонстраторот Драган Денковски доби условна казна од две години, а професорот Стојан Дебарлиев беше ослободен од обвинението.

Судечкиот совет на чело со судијата Владимир Туфегџиќ покрај затворските казни, на осудените професори им изрече и мерка забрана за вршење дејност од 10 години.

Судијата во образложението тогаш кажа дека професорот Шуклев преземал дејствија кои по својата природа повлекуваат не само морална и етичка осуда, туку и осуда во кривично-правна смисла. За Шуклев, судот утврдил дека тој ги преземал дејствијата кои му се ставија на товар и директно побарал илјада евра од студент за да му пише две преодни оценики по предметите Менаџмент на мали бизниси и Основи на менаџмент. Обвинетиот ги прекршил и правилата на совесен и одговорен професор на начин што побарал од студентот да има сексуален однос за да му помогне да добие испити како што самиот кажал во видеоматеријалот од ПИ мерките каде што е снимен и му нудел на студентот заедно да престојуваат во ресторани, хотели и шопинг центри надвор од државата.

Професорот Драги Јанев, како и Шуклев сакал и барал да има сексуални односи со истата студентка.

Славе Ристевски индиректно примил подарок од илјада евра за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши и на две студентки, мотивиран од примениот подарок од илјада евра им напишал оценка шест по предметот Статистика, бизнис и економија.

Драган Денковски според судот бил посредник преку кој обвинетите професори земале пари за да напишат преодни оценки на студентите кои не покажале доволно знаење.

Жалба на пресудата поднело и Обвинителството за гонење на организиран криминал, но Апелација ја одби.

Фросина Факова-Серафиновиќ

 

 

Поврзани новости