Владиниот кабинет наместо за средби со инвеститори, служи за средби на Зоран Заев со сомнителни ликови со дебели досиеја, инволвирани во меѓународни скандали, обвини денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Пораките од Заев до лажниот Порошенко кои беа објавени во медиумите покажуваат дека тој во владата одржувал средби со Тал Силберстин, човек инволвиран во скандалот поради кој падна владата на Себастијан Курц во Австрија, земја која е докажан пријател на Република Македонија.
Покрај тоа, Силберстин со кого Заев се фали дека се среќавал е човек против кого се водат криминални процеси во Израел и Романија и тоа за перење пари, поткуп, попречување на правда како и за нелегално организирање финансирање на политички изборни кампањи.
Воедно неговото име како обвинет се среќава и во Гвинеја каде се вели дека за случајот со Романија учествувал во поткуп на претседателот заедно со други лица се стекнале со рудник вреден милијарди долари.
Колку пати Заев се среќавал со него и дали постојат записници од тие средби, зошто Заев се среќавал со човек против кој се водел процес дека добил 400.000 евра за пропаганда со лажни вести, дали го користел за да му креира лажни вести за референдумот или за време на претседателските избори и колку пари овој човек ги чинел македонските граѓани за неговите услуги, пишува во партиското соопштение.