ВМРО-ДПМНЕ за притворот на Кочан: Судиите ќе сносат одговорност!

by fokus

Додека Апелацијата одлучуваше за притворот на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен од СЈО, од ВМРО-ДПМНЕ испратија уште едно заканувачко соопштение.

Од партијата ги предупредија судиите дека доколку го потврдат притворот за Кочан ќе сносат одговорност, обвинувајќи дека работеле по нарачка на СДСМ.

-ВМРО-ДПМНЕ ги предупредува судиите, независно дали се под притисок на СДСМ или, пак, од која било причина сакаат да го задоволат Зоран Заев и неговиот сценарист, дека треба да работат во согласност со законот и со Уставот и дека не смеат да се претворат во политичка алатка на СДСМ и на СЈО. Секое незаконско работење ќе подлежи на одговорност и секој во оваа држава треба да е еднаков пред законите, вклучително и судиите- велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека „ВМРО-ДПМНЕ во знак на протест против обидот за задушување на овој медиум и на демократијата и слободата на медиумите и истовремено закана кон другите медиуми, каде веќе се врши тортура од СЈО, ќе ги преземе сите расположливи политички и демократски мерки и чекори во правец на спречување на недемократско однесување на СДСМ која е на власт во СЈО и целосно управува со него и го контролира“.

Инаку, Апелациониот суд донесе одлука со која останува да важи одредениот притвор за Сеад Кочан, кој се уште е надвор од државата.

Поврзани новости