ВМРО-ДПМНЕ утре ќе поднесе кривични пријави за двајцата пратеници кои гласаа заразени со Ковид-19

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ преку координаторот на пратеничката група Никола Мицевски најави дека ќе поднесе кривични пријави затоа што двајца пратеници, иако позитивни на коронавирус, вчера дојдоа во скафандери во Собранието за да обезбедат кворум за 32-та седница.

-Присуството на двајца позитивни пратеници, спротивно на сите законски норми по никоја цена не беше оправдано, а секој обид за нивно воздигнување во т.н. статус на херој е срамен и безобразен чин во очите на вистинските херои на оваа пандемија,рече Мицевски на прес-конференцијата во Собранието.

Тој ги повтори ставовите на неговата партија дека вчера се случил театар за задоволување на личните желби на поединци, за да се одржи 32. Седница, иако како што рече тие цела недела најавуваа дека ќе дадат поддршка на петтиот сет мерки.

-Тоа што е ноторно е дека вчера се прекршија членовите 205 и 206 од Кривичниот законик. Бидејќи никој не е над законите, вклучително и Претседателот на Собранието и пратениците, одговорност мора да има, рече пратеникот.

Поврзани новости