Претседателот вчера рече дека одлучил да нема говор затоа што на народот му е доста од тоа. Наместо тоа, како што изјави, сака да ја деескалира вообичаената атмосфера во Крушево за време на празникот, која често е проследена со навреди
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека одлуката на претседателот Стево Пендаровски годинава да не држи говор на Мечкин Камен на 2 Август е срамен и недржавнички чин. На прашање дали Христијан Мицкоски ќе одговори на поканата сите политички лидери да присуствуваат на одбележување на празникот, од ВМРО-ДПМНЕ одговараат дека претседателот на партијата традиционално ќе биде во Ташмаруништа.
-Претседателот Христијан Мицкоски традиционално ќе биде присутен во струшко Ташмаруништа. А, Пендаровски со овој потег ја менува 30-годишната традиција на прославата за Илинден. Но кога некој човек нема визија за Република Македонија, не може ни да очекувате дека ќе има што да каже. И за тоа е ова резултатот. Навистина сме изненадени и ова е срамен и недржавнички потег, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Претседателот Стево Пендаровски вчера на брифинг со новинарите кажа дека на 2 Август нема да држи говор на Мечкин Камен во Крушево и планирано е настанот да започне во 18 часот наместо традиционално во 10 или 11 часот со цел да се соберат сите лидери на политичките партии во земјава до кои лично испратил покани.
-Нема да одржам говор. Мислам дека на народот му е доста од говори. Сакам да ја деескалирам вообичаената атмосфера на Мечкин Камен, која често е проследена со навреди кои повеќе разединуваат отколку што обединуваат, рече Пендаровски.