„Треба да се разграничи неколкучасовно влегување на граѓани во парламентот, во народниот парламент, заради насобран револт и гнев од предавничките, антидржавни и кукавички политики на СДС, од нанесувањето тешки телесни повреди.
МВР и обвинителството треба да се свесни дека за да приведат некого или изнесат пред суд, треба да имаат цврсти докази за сторено кривично дело.
Исто така, ОЈО и судовите не смеат да имаат различни аршини за овие настани од настаните при насилствата врз полицијата направени од шарените платени протестанти минатата година, кои за пари протестираа и вршеа насилство врз македонските полицајци“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека имале информации оти некои лица добиле и притвори заради вербални деликти, а без извршено физичко насилство.
ВМРО-ДПМНЕ апелира до судот да внимаваат при носењето на одлуките, и да се држат исклучиво до фактите и доказите, а да не ги понесува партиската наклонетост кон едни или кон други.
„Потсетуваме дека предизвикувач на овој народен бунт е токму СДС која не само што 60 дена ги игнорираше граѓаните кои масовно, упорно, мирно и демократски протестираа, туку и континуирано ги провоцираа со навреди, погрдни зборови, омаловажувања и конечно со незаконскиот и противиставен обид за избор на претседател на парламентот.
ВМРО-ДПМНЕ континуирано јавно предупредуваше на ризиците од ваквиот однос на СДС и изборната измама со постизборнито носење на тиранската платформа како основа на новата коалиција“, се вели во соопштението.