Заев: Никој не може да биде начисто што планира групата околу Груевски

by fokus

По сѐ што слушна јавноста што сѐ Груевски правел – ќе оди на суд. Ќе има независен судски систем, судот ќе ја цени неговата вина. Но бегање од соочување со правдата, нема. Ветив на граѓаните, Македонија ќе биде правна држава и правдата ќе важи подеднакво за сите“, вели Зоран Заев во интервју за Дојче Веле.

На прашањето кој момент од минатиот крвав четврток е нешто што никогаш нема да го заборави, Заев рече дека тоа се „разулавените погледи на криминалци и убијци кои беше јасно дека дошле со намера да падне крв, да згаснат човечки животи“.

„Тешко ми паѓа дека и низ ова моравме да поминеме, не само како партија, како мнозинство, туку и како држава. Но, како велат, секое лошо е за добро. Сѐ излезе на виделина. Сега треба само внимателно и мирно да продолжиме по нашиот пат, вистинскиот пат. Тоа е патот на промените. Патот на животот во Македонија“, вели тој.

Во врска со можноста за „втора рунда“ насилство откако Трајко Вељаноски изјави дека е сѐ уште актуелен претседавач и дека ќе закаже седница кога тој ќе оцени дека има услови, Заев изјави дека „со оваа група околу Груевски никој не може да биде на чисто што тие планираат“.

„Спроведоа организиран обид за убиство на пратеници и насилство врз новинари и вработени во Собранието. Извршија тешко кривично дело, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Ние покажавме како достоиствено се бранат државните интереси и како се сака Македонија. Не дозволивме да ја реализираат намерата да направат хаос во државата, меѓуетнички судир, судир на граѓани од иста етничка заедница, државен удар, за да отворат простор за налудничавото сценарио Иванов да прогласи воена состојба. Тоа им беше намерата. Со оваа група околу Груевски никој не може да биде на чисто што тие планираат. Но јас знам што ние нема да дозволиме. Нема да им го дозволиме сценариото. Мудро, со почитување на деловникот, Уставот и законите, со смиреност, и наша и на граѓаните, со поддршката и од домашната, но и од меѓународната јавност, ќе ја реализираме нашата обврска за избор на новата Влада на граѓаните. Иако институциите се партизирани, знаеме дека во нив постојат професионалци кои нема да тргнат во кршење на Уставот и законите и против интересите на граѓаните. На крајот, видовте каква зрелост покажаа и самите граѓани кои ја препознаа намерата на овој разулавен режим во заминување и не се вовлекоа во провокациите“, вели Заев.

 

Поврзани новости