ВМРО-ДПМНЕ во соопштение испратено до медиумите остро го напаѓа претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, откако тој изјави дека новинарите ќе се жалат во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, по одлуката на Уставниот суд кој не најде повреда на Уставот во случајот „24 декември“ кога новинарите беа избркани од собраниската галерија.
Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека ставовите на Селмани „повеќе наликуваат на ставови на политичка партија од ставови на невладина организација.
„На 24 ти декември дел од групата новинари беа инструментализирани од медиумите под контрола на СДСМ со цел да креираат перцепција за која сега говори Селмани. Впрочем дел од тие новинари добија за возврат политички позиции во опозиционите партии и во институциите раководени од нив. За ова прашње се изјасни и Уставниот Суд (барањето е одбиено бидејќи судот проценил дека физичкото отстранување на новинарите од галеријата на собраниската сала настанало поради конкретна ситуација на ескалација на хаос и безредие, а целта била да се заштитат новинарите и да се обезбеди ред во салата). Успехот на групата во зацртаната цел беше забалежителен и значајно допринесе во креирањето на општа лоша пецепција и рангирањето на државата на ранг листи за слобода на медиуми. Во тој правец особена заслуга има и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани”, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија оценува дека „очигледно со настапите на Насер Селмани, се потврдува впечатокот дека ЗНМ се повеќе наликува на политичка партија, отколку на професионално новинарско здружение“, а изјавата на претседателот на ЗНМ се толкува како „доказ за неговата партиска и политичка улога и агенда“.
„Некои луѓе во недостаток на лични, професионални и човечки квалитети гледаме како лукративно градат кариери на темите слобода и демократија во изминатиот период. Паралелно на тоа, не им пречи што користат дебели средства од различни фондови, притоа не разбирајќи дека со нивните јавни настапи, иако покажуваат непрофесионалност, само докажуваат дека има слобода и демократија, и ние ги охрабруваме јавно да дебатираме за сите отворени прашања, но на принципиелни основи и со реални аргументи”, се вели во партиското соопштение.