ВМРО-ДПМНЕ со мнозинство во Комисијата за разрешување на Иванов

by fokus

Собранието го изгласа составот на Комисијата за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов.  Со 52 гласа „за“ и 33 „против“  се формаше комисијата за оценување на основаноста на Предлогот за утврдување одговорност на Иванов, за одлуката за аболиција, поднесен од страна на опозицијата.

Комисијата брои 11 члена меѓу кои шест пратеници од ВМРО ДПМНЕ, по двајца од СДСМ и од ДУИ и еден од ДПА. Претседател на Комисијата е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски.

Претходно на расправата опозицијата реагираше дека неприфатливо е ВМРО-ДПМНЕ да има мнозинство во Комисијата, а не се согласи ниту со изборот на претседател.

Илиоски пак, убедуваше дека Комисијата нема да суди или да одлучува дали претседателот ги прекршил правата, бидејќи на собраниска седница ќе се дискутира за тоа и ќе носи одлука, а не Комисијата.

Инаку, Комисијата сега има седум дена за да подготви извештај за одговорноста на Иванов, кој ќе биде разгледан на собраниска седница. Тогаш е потребно дво-третинско мнозинство, за да се побара конечна одлука од Уставниот суд.

Поврзани новости