ВМРО-ДПМНЕ си препиша заслуги за реформите во судството, Тунтев реплицираше: Да ја тргнеме шегата на страна

by fokus

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ си препиша заслуги за реформите во судството откако денеска во Собранието беа донесени два закони кои ја регулираат работата на судовите и на судскиот совет. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, рече дека со одредбите кои ги предложила опозицијата и кои влегуваат во текстот на законот за судски совет се овозможува зајакнување на судската независност.

-Со овој закон се пренесуваат праксите на Европскиот суд за човекови права и европските пракси. Инаку законот личеше на се само не на закон – рече Данев.

На тоа реплицираше Томислав Тунтев од СДСМ кој го поздрави учеството на опозицијата во носењето на пакетот реформски закони и рече дека Данев дал мала афирмација на работата на опозицијата.

-Но да ја тргнеме шегата на страна. Како парламентарно мнозинство ја поддржуваме работата и начинот на кој функцинираа работните групи. Се надевам таа пракса ќе продолжи и во иднина – рече Тунтев.

Инаку Собранието ги донесе измените на Законот за судовите и на Законот за Судскиот совет. Дел од измените на Законот за судовите предвидуваат судија да може да одговара дисциплински, доколку без оправдана причина не ги закажува рочиштата по предметите, ја одолжува постапката или не го зема предметот во работа поради што настапува застареност на кривичното гонење, односно на извршувањето на кривичната санкција за кривичното дело.

Според овој Закон,  претседател на суд може да биде разрешен од функцијата кога Судскиот совет ќе утврди неприменување на одредбите во врска со управувањето и распределбата на судските предмети и кога се повредени одредбите за измена на годишниот распоред на судии.

Судија може да биде разршен и доколку открива доверливи информации што ги спознал, постапувајќи по предметите или вршејќи ја судиската функција.

Со измените во Законот за судовите, Врховниот суд доби рок за утврдување начелни ставови и начелни правни мислења за прашања од значење за обезбедување на единството со примената на законите. Рокот не смее да биде подолг од шест месеци по сопствена иницијатива, по иницијатива на претседател на суд, на судии или по иницијатива на адвокати. Мислењата треба да се објавуваат на веб-страницата на Врховниот суд. Судските информатичари задолжително стручно ќе се едуцираат преку Академијата за судии и јавни обвинители. За овој Закон пратениците прифатија седум амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, а осум се одбиени.

Со донесувањето на дополнетиот Закон за Судскиот совет, на член на Советот, додека му трае  мандатот, не може да биде избран за судија, за судија во повисок суд или за претседател на суд.

По предлог на ВМРО-ДПМНЕ од Законот е избришан членот според кој министерот за правда и претседателот на Врховниот суд како членови на Советот учествуваат во работата на СС без право на глас. Член на Советот може да биде оддалечен од вршењето на функцијата ако против него е одобрен обвинителен акт. Одлука за привремено оддалечување од функцијата донесува Советот со дво-третинско мнозинство гласови од вкупниот број членови со право на глас, при што од седницата и од гласањето се иззема членот на Советот против кој е поведена постапката.

Законите за судовите и за Судскиот совет се дел реформскиот пакет закони што Република Македонија го најави како задача пред домашната и меѓународната јавност.

 

Поврзани новости