Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе заседава и ќе ги разгледува најновите случувања околу актуелната состојба и понатамошните чекори кои ќе се преземат, информираат од партијата.
Свикани се итни седници и на општинските комитети на партијата во цела Македонија. Провладините медиуми ја пренесуваат пораката во која била испратена до сите општински комитети, а во која се најавува бурен период.
-Во текот на утрешниот ден треба да одржите итна седница на Општинскиот комитет во проширен состав, со сите претседатели на месни комитети. Уште од вечер известете ги сите членови задолжително да бидат присутни на состанокот што значи вечерва и утре од сабајле преку итни кол-центри да ги информирате. Насоки по однос на темата на состанокот ќе доставиме во текот на утрешниот ден. Тргаме во офанзива, нападната ни е Татковината, Македонија треба да се брани. Следува бурен период, пролет со многу енергија и борба за ВМРО и Македонија. Ќе победиме! – стои во пораката.
Освен седници, најавени се и протести или како што велат „народни собири”.
Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид информираат дека вечерва пред општинскиот комитет ќе се одржи масовен народен собир на членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Како што наведуваат партијата, целта на собирот е да се покаже политичката сила на ВМРО ДПМНЕ.