СДСМ нема никаков кредибилитет да зборува за социјална политика или социјални права затоа што таа е партијата која преку криминалната приватизација и отпуштањето на 200 илјади работници од работа ја зголеми сиромаштијата во земјата. Со ваква реакција излезе владејачката партија, откако најголемата опозициска партија вчера обвини за дискриминаторски закон за социјална заштита на штета на 25.000 граѓани.
– И сега СДСМ по кој знае кој пат преку шпекулации и пласирање на полувистини и непотполни податоци се обидува да добие ситни политички поени. Не навлегувајќи во фактот дали тоа го прават од непознавање на материјата, сакаме да појасниме некои работи. Најпрво паричниот надоместок за помош и нега од друго лице се зголемени за 32,7 проценти во последните осум години. Второ, од 2009 година, правото на помошта и нега од друго лице почнаа да го користат и лица со умерена попреченост во менталниот развој, којшто претходно го користеа само лице со тешка и најтешка ментална попреченост. Значи ВМРО-ДПМНЕ не крати права за социјалците туку ги зголемува и по обем и по вредност – се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, воведувањето, пак на материјален цензус кај правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице не е новина, односно материјален цензус кај ова право имало во македонското законодавство и порано, и тоа во времето кога СДСМ била на власт.
– Воведувањето на материјалниот цензус кај ова право со овој закон, покрај тоа што има за цел да се спречат злоупотреби на правото, е и со цел да се алоцираат средствата токму кај оние лица кои имаат послаби примања и кои врз основа на тоа имаат потреба од дополнителни примања за задоволување на своите потреби преку нега од трето лице, како и да се алоцираат средствата кај оние категории на граѓани кои се во социјален ризик и за кои постојано воведуваме нови права и надоместоци по други основи а кои ги исплаќа државата, а помошта на лицата со послаби примања и со социјален ризик е основна цел на социјалната политика и во теоријата и во праксата секаде во светот – се наведува понатаму во соопштението.
Тие додаваат дека во Законот за социјална заштита е предвидено за корисниците на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице кои не се здравствено осигурани по друга основа, на овие лица да им се обезбеди и здравствена заштита.
– Сакаме да напоменеме дека е во постапка носење на нов Правилник во соработка со министерството за здравство во кој прецизно ќе биде утврдена потребната медицинска документација потребна за приложување кон барањето за паричен надоместок за помош и нега од друго лице во зависност од дијагнозата на подносителот на барањето – се наведува во соопштението од владејачката партија.