Кој ќе ќари од 50.000 фирми кои ќе ги менуваат фискалните каси?

Близу 50.000 трговци, угостители и други фирми ќе мора да ги заменат своите фискални каси со нови и помодерни до 31 јануари наредната година, информираат од УЈП. Новите фискални уреди ќе имаат вградено GPRS уред преку кој Управата за јавни приходи (УЈП) ќе има увид кога работат касите и така полесно ќе открива кои фирми затајуваат данок. Една нова каса за потребите на обична маалска продавница би чинела околу 200 евра плус ДДВ, информираат компјутерските фирми кои се влезени во овој бизнис.

Трошоците за новите помодерни фискални каси ќе бидат покриени од државниот буџетот, односно на компаниите ќе им се намали данокот во износ од цената на фискалните апарати. Иако не може точно да се предвиди колку оваа реформа ќе го чини државниот буџет, сепак грубата пресметка покажува дека во игра се неколку милиони евра.

Сите 50.000 даночни обврзници ќе мора да ги имплементираат новите каси до 31 јануари 2015 година, а исклуок се речиси 9.000 компании кои лани оствариле промет повеќе од 10 милиони денари, бензинските станици, рестораните и хотелите кои новите уреди ќе треба да ги купат до 31 октомври годинава.

„Фокус“ се обрати до речиси сите компании коишто тргуваат со фискалните каси и оттаму велат дека сѐ уште ги прават пресметките за цената на новите уреди, но според нив малку се оние каси кои ќе можат да се надградат и најголемиот број од тие 50.000 фирми ќе мора да купат нов апарат.

Оваа промена неодоливо потсетува на „реформата“ Патриотски фискални каси на Владата на ВМРО-ДПМНЕ од пред шест години, која предвидуваше трговците да ги надградат своите фискални апарати за да можат да издаваат сметки на кои јасно ќе стои колку од купените производи се од македоснко потекло.

Опозициската СДСМ уште тогаш обвинуваше дека на ваков начин фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ ќе добијат вносен бизнис и во игра повторно беа цифри од неколку милиони евра. Подоцна оваа реформа падна на Уставен суд и трговците беа приморани повторно да плаќаат за да ги вратат касите во првобитната состојба, да бидат помалку патриотски.

Поврзани новости