СДСМ и нејзиниот претседател Зоран Заев со нелегалниот обид за избор на претседател на Собранието го прекршиле Уставот, законите и Деловникот за работа на Собранието и за тоа, потенцира, мора да сносат одговороност, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
– Заев и СДС покрај политичката криза ја втурнаа Република Македонија и во правна криза. Создадоа правни преседани со кои што во иднина се отвора можност за незаконско гласање на двојазичноста, двојазични банкноти и униформи, геноцид и сите останати елементи од тиранската платформа, без притоа да се почитува волјата на граѓаните – се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат, дека СДСМ и Заев четири дена молчат за албанските знамиња во кабинетот на нелегално избраниот од нивна страна претседател на Собранието, исто како што молчеа и стоеја кога се пееше химната на албанската држава во македонскиот законодавен дом.
– Заев очигледно ужива кога го навредува Македонецот. Во еден ист ден ги прогласи Македонците и за Бугари и за Срби. Ваквите антимакедонски ставови на Заев беа пофалени од Божидар Димитров, кој рече дека Заев бил во право и дека Македонците се Бугари, а Струмица од каде што потекнува Заев е бугарски град. Заев добива пофалби од сите негатори на Македонија, само не од граѓаните, кои упорно и се погласно бараат парламентарни избори, стои во соопштението.