ВМРО-ДПМНЕ објави уште едно соопштение кое изобилува со навреди и непристојни коментари упатени кон претседателот на Здружението на новинари (ЗНМ) Насер Селмани. Меѓудругото, партијата го нарекува претседателот на ЗНМ „лузер“. Соопштението следуваше како реплика на новинарот на негов коментар во кој вели дека „нема да го зачуди доколку биде уапсен новинар, од редовите на критичарите на власта“.
„Ако се гледа како досега се однесуваше власта нема да бидам зачуден ако апсат некој новинар. Но, апсењето на новинари нема да им ја олесни работата во обид за ја сочуваат власта, напротив, туку уште повеќе ќе им го комплицира животот. Не треба да заборават дека Македонија спаѓа во сферата на интерес на ЕУ и САД и не може овде за подолго време да се толерираат практики како во Белорусија, Русија или Турција, каде многу лесно се апсат новинари. Ако власта не извлече поуки на време и не се откаже од вакви недемократски методи на владеење, тогаш може да им се врати како бумеранг кога ќе замине во опозиција“, изјави Селмани во интервјуто за „Фактор“.
На оваа негова забелешка, од владејачката партија возвратија со погрдни зборови.
„Една од неговите најголеми желби е да биде уапсен. Живее за тој ден и многу би дал за да се случи тоа. Каква ли жртва би бил тогаш?! Додуша во таквата желба има огромна конкуренција во тоа соросоидно и милчиново друштво“, се вели во скандалозното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата не застануваат тука, туку продолжуваат со навреди.
„Повремено и други негови колеги знаат да напишат нешто од типот: „што не ме уапсите“ и слични реакции кои произлегуваат од нивната нескротлива желба да се создаде перцепција за нив како за жртви на некаков режим како што тие го нарекуваат. Инаку истите тие се лузери од ред до ред“, се наведува во соопштението.
На овие навреди, новинарот Селмани одговори на својот Фејсбук профил.
„Луѓе, ВМРО-ДПМНЕ по трет пат реагира преку партиско соопштение на моја изјава дадена за медиум. Кога го прочитав соопштението помислив дека некој се поигрува со меморандумот на партијата. Се гледа дека во Центарот за комуникации фали Илија. Но, шегата настрана, ситуацијата е сериозна. Во последното интервју за „Фактор“ не кажав ништо ново од тоа што постојано го зборувам во последните три години. Моите тези се потврдуваат и во извештаите на Европската комисија, американскиот Стејт департмент и на специјалните известувачи на ООН, Франк Ла Ру. Чудно е зошто сега ваква нервозна реакција од ВМРО-ДПМНЕ!“, напиша Селмани на Фејсбук.
Ова не е прво соопштение на владејачката партија полно со навреди кон претседателот на ЗНМ. Во претходното соопштение на партијата стоеше дека „Селмани има недостаток од лични, професионални и човечки квалитети“.