Поигрувањето и тргувањето со највисоките државни и национални интереси ги подгрева апетитите на разни структури кои не и мислат добро на Република Македонија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
– Вчера бевме сведоци како вандали се дрзнаа да го симнат државното знаме, сред бел ден, во центарот на Куманово, на неколку стотини метри од местото каде што Заев и Спасовски се сликаа селфи неколку часа, откако македонските бранители ги дадоа животите за својата татковина – се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму тврдат дека албанскиот премиер Еди Рама продолжил со омаловажување кон македонскиот народ.
– Рама не именува како славомакедонци и индиректно порача дека доколку Македонија не го смени името и не се избори за влез во ЕУ, како и другите држави во регионот, тогаш би се разбудиле оние идеи за промени на границите. Тоа е истиот Еди Рама кој ги собра лидерите на албанските партии од Република Македонија и ги обедини околу Тиранската Платформа – продолжува понатаму во партиското соопштение.