Одржување на нови парламентарни предвремени избори на ист трошок со локалните се најдобро решение за излез од актуелната криза, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Само на тој начин граѓаните ќе ја вратат целосната контрола врз иднината на Република Македонија и нивната волја нема да биде заобиколена преку разни пост изборни договори кои имаат еден заеднички именител, а тоа е реализирање на сеалбанската платформа потпишана во Тирана на 7-ми јануари. Се појасно се наѕира и крајната цел на ова сценарио во кое што е втурната Република Македонија, а тоа е нејзино редефинирање и промена на името. Ваквиот подмолен обид да се изврши притисок врз Република Македонија е целосно неприфатлив и за ВМРО-ДПМНЕ и за мнозинството граѓани во државата, велат од партијата.
Оттаму додаваат дека СДСМ со своето неодговорно однесување предизвикува гнев и револт на народот.
-Народот бара од аболицираниот криминалец Зоран Заев и СДСМ јасно и гласно да се откажат од Тиранската Платформа, чии елементи директно го загрозуваат унитарниот и мултиетнички карактер на Република Македонија. Тоа до ден денес не се случи. Аболицираниот Заев и криминогеното раководство на СДСМ се обидуваат да ја релативизираат опасноста од Платформата и се уште зборуваат за дебатирање околу теми кои се национален и државен интерес кои на крајот треба да ја редефинираат државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.