Шахпаска: Бесплатно болничко лекување за сите

by fokus

Новата реформска Влада ќе ја укине партиципацијата за болничко лекување. Ќе има бесплатно болничко лекување за сите осигуреници. На тој начин гарантираме дека секој граѓанин ќе го добие потребното болничко лекување, најави денеска Јагода Шахпаска, пратеничка и членка на Комисијата за здравство на СДСМ.

Здравјето на граѓаните е врвен приоритет за новата Влада. Затоа сме цврсто определени да создадеме квалитетно, ефикасно и модерно јавно здравство според успешни примери од европски земји. Освен што ќе го направиме бесплатно болничкото лекување за сите, ќе овозможиме и достоинствени услови за лекување на клиниките. Ќе изградиме нов, современ, функционален, универзитетски Клинички центар што ќе обезбеди високо квалитетни услуги на граѓаните од целата држава. Ќе го преиспитаме скандалозниот, сомнителен, тендер за Клиничкиот центар што го реализира власта во заминување со технички овластувања во овие моменти на формирање нова Влада. Клиничкиот центар е ветен во 2012 година, а до денес единствен резултат се само тарабите пред кои се сликаа Тодоров и Груевски – рече Шахпаска.

Таа порача дека тендер политиките ќе заминат заедно со неодговорните политичари.

-Проектот “Мој термин“ ќе го надградиме во систем што гарантира брза и квалитетна здравствена заштита на секое ниво. Пациентот ќе биде во центарот на вниманието. Ќе ги растеретиме докторите од непотребните и обемни административни процедури. И ќе покажеме вистинска грижа за лекарите и за медициснкиот персонал на кои ќе им овозможиме професионална работа и мотивација да останат да работат во јавното здравство, наместо да заминуваат од него. Тоа ќе го постигнеме со зголемување на основната плата за 100 проценти за сите здравствени работници, порача Шахпаска.

Поврзани новости