ВМРО ДПМНЕ: Не сакаме да веруваме дека претепувањето на Стаменковски е гнасна игра на СДСМ

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ принципиелно го осудува физичкиот напад против лицето Марјан Стаменковски, исто онака како што ги осуди нападите против новинарите Ивона Талевска, Дејан Николовски, Јанко Илковски, Бобан Нонковиќ и Антонио Димитриевски, се наведува во соопштението испратено денеска до медиумите.

„За жал, освен за овој напад врз лицето Марјан Стаменковски СДСМ ниту еднаш не прати соопштение со кое требаше да ги осуди нападите врз новинарите. Напротив целата јавнос виде дека дел од нападите врз новинари беа направени од активист на СДСМ и Сорос, од лидер на коалиционен партнер на СДСМ и од братучед на Радмила Шеќеринска“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сметаат дека СДСМ и нивното раководство наметнувале атмосфера, со финансиерите од Сорос, илјадници лаги, манипулации, измами и шпекулации истурени во јавниот простор и тоа не биле само против политичари, туку и против стотици други уметници, пејачи, писатели, глумци, новинари, синдикалисти, колумнисти, професори и обични граѓани.

– Тие свесно предизвикуваат состојба на омраза и насилство. Впрочем СДСМ, Заев, Фрчковски, Тричковски, Геровски и сличните на нив континуирано повикуваа на насилство и физички пресметки. Политичката одговорност за сите овие напади ја носи исклучиво тесното раководство на СДСМ, се вели во соопштението.

Понатаму во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се вели, дека тие подолго време предупредувале на сценирани лажни претстави кои ги направиле СДСМ заедно со “нивните новинари“.

– Потсетуваме на лажниот венец однесен во куќата на Борјан Јовановски, потсетуваме на сценариото направено од Билјана Секуловска, а спроведено од Саше Ивановски Политико и на многу други, посочува ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата на Груевски вели не сака да верува дека и овој настан е дел од ниска и гнасна игра на СДСМ и бара од институциите да го расчистат целиот случај, а извршителите без разлика на нивниот мотив да бидат строго санкционирани.

Поврзани новости