ВМРО-ДПМНЕ на чекор да ја изгуби ,,Белата палата”, Апелација е на потег

by fokus

Наскоро ќе биде познато дали ВМРО-ДПМНЕ ќе остане без ,,Белата палата”, поточно без луксузното партиско седиште. Овој објект беше конфискуван по првостепената пресуда за случајот ,,Талир 2″, а сега на потег е Апелација, која треба да пресече дали партијата дефинитивно ќе остане со празни раце.

Поточно, во петок, на 7 јули, во Апелација е закажана јавната седница за случајот ,,Талир 2″, на СЈО,  а со кој беше замрзнато и партиското седиште.

Првостепената пресудата беше донесена пред една година, а со неа на затворска казна од 6 години беше осуден екс премиерот Никола Груевски, а поранешниот генерален секретар, Кирил Божиновски, доби условна казна од две години.

Доколку второстепениот суд ја потврди пресудата на Кривичниот суд, тоа ќе значи и извршување на конфискацијата на објектот, но неизвесно е во чии раце ќе заврши потоа.  Во нормална ситуација веднаш би припаднал на државата, но  случајот се комплицира бидејќи објектот е под банкарска хипотека за кредит од три милиони евра што го земала партијата.

Обвинителството очекува овој договор да се поништи, но така не мислат и од Комерцијална банка. Од таму по пресудата на Кривичниот суд се повикаа на начелното правно мислење донесено од Врховниот суд пред две години. Потенцираат дека  хипотеката на Комерцијална банка на објектот е воспоставена уште во декември 2016 година, односно 2 години пред судот да го замрзне имотот кој тогаш имал чист имотен лист. Тогаш од банката потенцираа дека и новиот сопственик на објектот треба да го подмири долгот.

Со случајот ,,Талир 2 ” се откри начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ дошла до имот вреден 8,2 милиони евра, во кои спаѓаат Белата палата и уште два милиони евра кои градежната компанија „Бетон“, во сопственост на бизнисменот Минчо Јорданов, ги исплатила на партијата додека го градела објектот.

Обвинителството тврди дека „Бетон“ не смеела да влезе во партнерство со партијата за изградба на објектот, бидејќи во 2011 и 2012 година, кога почна да се гради седиштето, компанијата дури 75 отсто од приходите ги остварила од државни тендери, што значи дека според законот не смеела да биде донатор на политичка партија.

Компанијата го изградила седиштето на партијата кое имало инвестициска вредност од 6,9 милиони евра, а згора на се, на сметка на партијата уплатила и 2,1 милиони евра. Вложувањето на партијата, пак,  што било земјиштето, било само 815.323 евра, што според СЈО значи дека партијата незаконски се стекнала со имотна корист од 8,2 милиони евра.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости