-Кога во извештајот ќе се прочитаат редовите каде што пишува дека бојкотот на Собранието сериозно влијаеше врз контролната функција на законодавната над извршната власт станува повеќе од јасно дека СДСМ и пред изборите 2014 година, а и потоа после изборите веќе имал јасно скроен план за тоа како ќе настапува после изборите и која била целта на бојкотот на Собранието, а тоа е да се предизвика политичка криза која што ќе создаде внатрешна домашна политичка и економска нестабилност, а истото тоа ќе се одрази и на извештаите, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ по објавувањето на Извештајот за напредокот на Македонија од Европската комисија.
Сепак, Милошоски смета дека со овој Извештај деструктивната политика на СДСМ доживеала пораз, а Брисел ги препознал напорите што ги вложила македонската влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
-Со извештајот стана јасно дека сите напори што ги вложи владата на Република Македонија, предводена од коалицијата каде што ВМРО-ДПМНЕ има клучна улога, сите реформи за приближување кон Европската Унија се препознаени и признаени од страна на Европската комисија, и тие во економијата, и тие во земјоделието, и во областа на безбедноста и владеењето на правото и во сите други сфери кои што беа дел од оценување на извештајот, рече Милошоски.
Но, и покрај препораката која ја доби Македонија, Милошоски не верува дека Европскиот совет во овој момент има капацитет да постигне едногласност за оваа препорака да ја преточи во одлука за почеток на преговорите.