Евроинтеграциите на вештачки апарати

by Фокус 19:19
19:19

Пишува: Драган АЛЧИНОВ

Минатата година Извештајот за напредокот на Р. Македонија за 2014-та година започна со констатацијата дека процесот на пристапување кон ЕУ е во ќор-сокак. Оваа година Македонија дополнително назадува: Извештајот многу прецизно ја рефлектира политичката состојба во државата. Мислевме дека ,,ќор-сокакот’’ од минатата година бил дното; но, очигледно имало полошо и од тоа- Македонија денес е црната дупка на Европа.

- Advertisements -

Извештајот кој Р. Македонија го доби денес е силен удар во кулата од карти која Груевски ја гради со години. Имено, во самиот фокус на Извештајот е политичката криза. Дури уште во самиот вовед Извештајот констатира дека периодот за кој се известува беше под силна доминација на сериозната политичка криза, која е најтешка криза за земјата од 2001-ва наваму. Понатаму во Извештајот речиси на секоја страница стои терминот ,,политичка криза’’.

Но, Извештајот не само што ја констатира кризата, туку оди и чекор понатаму и ја лоцира вината за истата: скандалот со неовластеното следење на комуникациите е вина на високи владини функционери и истиот открива нарушување на основните права, мешање во работата на судството, нарушување на слободата на медиумите, изборни неправилности, партизација и корупција. Иако за сево ова имаше индиции, отворени препораки и јасни насоки за дејствување во минатите извештаи на Комисијата, сепак власта изминатите години не презеде ништо во насока на имплементирање на истите.

За Комисијата ситуацијата е јасна- нема никакви странски служби, ниту пак некаков план за државен удар; политичката криза која ја одбележа годината е резултат на злоупотребата на власта од страна на високи владини функционери. Ваквото отворено и јасно лоцирање на вината треба да стави крај на сите манипулации кои власта ги прави во обид да го одвлече вниманието на јавноста од суштинските прашања.

Дополнително на ова, Извештајот користи остар речник во адресирањето на критичните точки. Се користат термини како: назадување (backslidе) во областа на судството, во слободата на говорот и во управувањето со јавните финансии; сериозна загриженост (serious concern) за притисоците на власта врз граѓанскиот сектор, за партизацијата на јавната администрација, за селективното и пристрасно информирање и за недостатокот на уредувачка независност; Комисијата изразува загриженост за селективната правда, за недостатокот на независност на страната на полицијата, Јавниот обвинител и Антикорупциската комисија, за случувањата во Гошинце и Куманово (и бара истите да бидат предмет на целосна и транспарентна истрага) итн.

Комисијата констатира дека нема прогрес во борбата против корупцијата и против организираниот криминал. Понатаму, нема прогрес ниту во судството и

основните права поради недостатокот на политичка волја. Исто така, државата нема направено прогрес ниту во насока на развивање функционална пазарна економија, ниту пак во развивањето на регионална политика. Значајно е да се одбележи дека земјата не доби ниту една позитивна оценка.

Сево ова се сериозни обвинувања за една земја која претендира да стане дел од семејството на европските народи. Европската Комисија отворено ја обвинува власта за неовластено прислушување и ги валоризира индициите добиени од содржината на објавените снимки.

Но, Унијата во многу наврати до сега упатуваше на истото. Пред воопшто ,,бомбите’’ на СДСМ да бидат објавени, Европската Комисија предупредуваше дека државата ни назадува и дека сме на работ да ја загубиме препораката за членство. По објавувањето на ,,бомбите’’ за Унијата воопшто нема сомнеж дека земја со вака сериозни системски проблеми не може да биде дел од семејството на европските народи.

Едноставно во Европа нема место за земја со вакви сериозни прекршувања на правата и слободите и негацијата на правото и демократската волја на граѓаните. Европските дипломати веќе отпорано ја оценија Македонија како ,,најпроблематичната земја на Балканот’’. И како не би било така, кога Македонија под власта на Груевски се претвори во земја владеана со страв и закани, во која власта има тоталитаристички амбиции, земја која стагнира на секое поле.

Како резултат на сево ова, препораката за членство на Македонија во Европската Унија е условена со целосното исполнување на Договорот од Пржино и со имплементирањето на препораките од Извештајот на Прибе. Единствено исполнувањето на договореното во Пржино и следењето на препораките на Прибе во добра верба ќе придонесе за воспоставување на основно ниво на доверба дека избирачкиот процес реално ќе ја отслика волјата на граѓаните и со тоа ќе воспостави легитимитет на идната власт. Само така државата ќе се врати на европскиот колосек. За сега, ако ми дозволите да се изразам сликовито, евроинтеграциите се мртви и се одржуваат вештачки во живот со помош на апарати.

Денешниот Извештај на Европската Комисија не е адресиран само до власта која треба да се реформира, туку и до нас граѓаните. Преку Извештајот Европа ни дава прецизна анализа, како рендген снимка на состојбите во македонското општество и не’ предупредува дека ваквата состојба е апсолутно неприфатлива. Вината за ситуацијата во која Македонија денес се наоѓа е исклучиво на страната на власта, но одговорноста за промени ја носиме ние- граѓаните.

Поврзани новости