ВМРО-ДПМНЕ: Хунтата на Заев апси за Македонија да добие ново име

by Фокус

Хунтата на Зоран Заев преку затворања, прогони и заплашувања сакаат да втераат страв кај сопствениот народ, со цел да можат да ја редефинираат државата и Македонија да добие ново име, фалсификувана историја и срушен унитарен карактер, а за тоа да се молчи, соопштија утрово од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Колку и да прогонуваат, колку и да ја фабрикуваат историјата, колку и да ја злоупотребуваат државата тоа идните генерации нема да им го заборават. Народот ќе памети дека патриотите Дурловски, Илиевски, Чавков, Дамовски, Јовановски и триесетина други ги обвинија за тероризам, а лицата кои спроведуваа насилство врз граѓаните ги ослободуваат или најавуваат дека ќе ги ослободат од затворите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека секое кршење на законите и на уставот, секој обид да се удри по сопствениот народ ќе се врати како бумеранг.

„Заев и целата хунта околу него ќе одговараат. Тоа што се обидуваат да ги продадат евтино националните интереси, затскривајќи се притоа зад притворањата, малтретирањата и монтираните случаи, никогаш нема овој народ да им ги заборави. Порано или подоцна ќе одговараат“, порачуваат од партијата.

Од партијата најавуваат дека остануваат на улиците во, како што велат, одбрана на сопствената татковина и нејзините интереси, бидејќи, според нив, правдата и вистината секогаш на крајот победуваат, а џелатите на сопствениот народ како Заев завршуваат на буништето на историјата.

Поврзани новости