ВМРО-ДПМНЕ: Градиме, затоа се задолжуваме!

by Фокус

Македонија се гради и тоа се гради од темел – затоа што претходната гарнитура која беше на власт до 2006 година ни камен на камен немаше ставено. Градиме автопати, градиме училишта, болници, градинки, ТИРЗ во кои се градат фабрики. Со градењето освен што создаваме трајни вредност креираме работа за луѓето. Во ваше време невработеноста беше историска, над 37 осто. Ние ја намаливме за цели десет отсто. Креиравме нови 120.000 работни места, реагираат од ВМРО – ДПМНЕ на денешната пресконференција на Кире Наумов од СДСМ.

Како по обичај, владејачката партија и ова соопштение не му го испрати на „Фокус“, го добивме од колегите. (ВМРО-ДПМНЕ селективно бира медиуми каде што испраќа соопштенија).

– Велите многу сме се задолжувале, но не кажувате за што. Земавме 505 милиони долари за изградба на автопатот Кичево – Охрид, земавме 278 милиони евра за изградба на автопатот Миладиновци – Штип, земавме 220 милиони евра за автопатот Демир Капија – Смоквица, земавме 160 милиони евра за рехабилитација на патишта, земавме 50 милиони евра за локални патишта, земавме средства за рехабилитација и на државните патишта. И за нас ќе беше убаво ако овие средства ги најдевме во Буџетот, доколку се беше изградено и функционираше добро. Но не беше така. Напротив. Ние ги отплаќавме дури и Вашите заостанати обврски, одговори владеачката партија – стои во реакцијата на владејачката партија.

СДСМ, веднаш врати со нова реакција во која велат дека пред само неколку дена власта на Груевски се фалеше со новото задолжување од 500-тини милиони евра, по историски најниска камата.

– Зошто денеска министерот за финансии Ставрески се срами да го соопшти вкупното задолжување на државата? Или можеби затоа што тоа ќе биде историски јавен долг тежок над 4 милијарди евра? Светот, ММФ, САД, Велика Британија и Германија го вклучија алармот за задолжувањата на Груевски, ја искритикуваа фискалната политика во земјава и побараат отчет.  Очајни се оправдувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека земале кредити за автопатишта, кога за 8 години имаат изградено само 8 километри автопат. Но, и според бројките што ги соопшти ВМРО-ДПМНЕ, за патиштата што се најавени во иднина, кредитното задолжување е околу милијарда евра. Груевски и Ставрески нека одговорат, каде се останатите 3 милијарди евра со коишто ги задолжија граѓаните во Македонија? – бараат од опозициската партија.

Поврзани новости