Тим од ВМРО-ДПМНЕ, во состав од потпретседателите Александар Николоски и Владо Мисајловски и генералниот секретар Игор Јанушев, денеска оствари средба со државниот секретар за европски прашања во министерството за надворешни работи на СР Германија, Михаил Рот и германскиот амбасадор во земјава Томас Герберих.
Од партијата информираат дека нивните претставници посочиле дека ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто на својата евроатлантска определба и дека партијата е силно посветена на процесот за придвижување кон ЕУ и НАТО, што е докажано и со вклученоста на ВМРО-ДПМНЕ во квалитативното подобрување на реформските закони, кои беа предуслов за враќањето на безусловната препорака на Европската Комисија за почеток на преговори со ЕУ.
-Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше посочено и слабиот капацитет на власта за реформи, кои до пред вклучувањето на ВМРО-ДПМНЕ во реформскиот процес се одвивале бавно. Но и несериозноста на власта во водењето на државата и поставување на луѓе кои претставуваат безбедносен ризик за САД и се на црната листа за влез, на советничка позиција во владата. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ги информираа своите соговорници и за политичкиот прогон кој го врши власта, но и за злоупотребата на судството и обвинителството од страна на Зоран Заев, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.