ВМРО-ДПМНЕ да научи што е Устав и Деловник, велат од СДСМ

by Fokus

Владејачката партија реагира откако опозицијата достави предлог-одлуки за разрешување на првите луѓе на здравство и бара тие да бидат први точки на денешната седница, чиј дневен ред сѐ уште не е утврден
Откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието го поднесе предлогот за разрешување на министерот за здравство и неговиот заменик, Венко Филипче и Илир Хасани, од владејачкиот СДСМ реагираат дека опозициската партија не го знае Уставот и обвинуваат дека сака да профитира од национална несреќа.

-Додека тераат бесрамна политизација на несреќата во Тетово, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски покажуваат дека не го знаат Уставот, не го познаваат Деловникот, дека немаат ‘П’ од право и политика. По којзнае кој пат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се обидуваат да спечалат некој политички поен на национална трагедија, со што само го покажуваат своето некрофилско, бесрамно лице, велат од СДСМ.

Социјалдемократите велат дека опозицијата и нејзиниот лидер треба да научат што е Устав и Деловник, а потоа да остават започнатата истрага да ги даде сите одговори за пожарот во болницата во Тетово.

-ВМРО-ДПМНЕ нема никакво право да се повикува на морал, а уште помалку пак има образ да го оценува работењето на Венко Филипче, затоа што оваа партија со години го саботира неговото работење и се обидува да му наштети на здравствениот сектор. Сите паметат како ВМРО-ДПМНЕ се однесуваше за време на најголемата пандемија, преку кршење на мерките, ширење лажни вести, потсмевање со вирусот и навреди врз здравствените работници, додаваат од СДСМ.

Поврзани новости