ВМРО бара оставка од Дудуш: Дали некој треба да биде убиен за да се преземат мерки?

by Фокус

Од скандалозната аудио-снимка што ја пренесоа медиумите произлегуваат сериозни индиции дека градоначалникот на Шуто Оризари од СДСМ, Курто Дудуш, најпрво бесправно лишува од слобода, а потоа тепа и навредува граѓанин, изјави Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Тој побара Дудуш веднаш да си поднесе неотповиклива оставка, а надлежните органи, полицијата и обвинителството веднаш да го истражат и процесуираат овој случај на насилство.

-На Курто Дудуш силата му доаѓа токму од власта и блискоста со Заев. Поддршката на насилниците и криминалците од страна на Зоран Заев стимулира и произведува насилство и функционери кои се однесуваат како робовладетели и одлучуваат за животот и слободата на обичниот човек, обичниот граѓанин. Снимката покажува дека градоначалниците на Заев наместо да работат за граѓаните и за интересите на општините кои ги предводат, тие своите градоначалнички кабинети ги користат за матни зделки, но и за измачување и тепање на луѓе кои на некаков начин им се спротивставиле – вели Димовски.

Тој потсетува дека градоначалникот на Демир Хисар Марјанче Стојановски се закануваше на вработени во основно училиште дека ги следи и прислушкува, поранешниот градоначалник од СДСМ на Ново Село Боро Стојчев фатен како шверцува цигари, заменик министерот за култура предизвикал сообраќајка, но, како што истакнува, недостинал соодветен епилог.

-Дали треба да биде убиен граѓанин во кабинет на градоначалник на СДСМ па органите на прогонот да превземат дејствија? Најзастрашувачки е молкот. Молкот на шефот на сите функционери на Власта, Зоран Заев, молкот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, молкот на јавното обвинителството и на главниот јавен обвинител Љубомир Јовески, но застрашувачки е и молкот на сите оние таканаречени невладини организации за заштита на човековите права и слободи. ВМРО-ДПМНЕ бара премиерот Зоран Заев веднаш да се огради и да се извини за насилничкото однесување на својот пулен – градоначалникот Дудуш и да побара негова оставка – порачува Димовски.

Поврзани новости