Европската Унија се подготвува да воведе механизам за задолжителна регистрација на сите лица кои доаѓаат од земји кои не се дел од Унијата.
Европската комисија до крајот на годината се очекува да достави предлог за Систем на инфомирање и авторизирање на патувањата (ЕТИАС) на Европската унија со кој секој државјанин што доаѓа од земја што не е членка на ЕУ, од јануари идната година ќе мора да се регистрира 72 часа пред влезот во некоја од земјите-членки.
Тие ќе треба да ги внесат личните податоци и местото каде намеруваат да одседнат и престојуваат во рамки на ЕУ. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, ќе се плаќа 10 евра и тоа само еднаш и важи за поголем број на патувања во рамки на Унијата.
ЕТИАС-системот се очекува да ја намали можноста од масовен, неконтролиран влез во ЕУ на државјани на Македонија, Косово, Србија, Албанија, Турција и останатите земји со кои ЕУ има безвизен режим. Од ЕУ го посочуваат и безбедносниот аспект, бидејќи со овој систем, службите на ЕУ-земјите однапред би ги имале податоците на оние лица што имаат намера да допатуваат во Унијата. Освен тоа, овој систем би требало да донесе и до две милијарди евра заработка за Европската унија.