Андријана Мациев, ликовен уметник и ќерка на нашата популарна поп-фолк пејачка, водителка и тренер за личен раст и развој, Јулија Мациевска, денес по шест месеци лекување, ја примила последната, осма хемотерапија.
Таа емотивно раскажува дека борбата со канцерот воопшто не била лесна. Кога пред шест месеци, баш на својот роденден влегла на Онкологија, да ја прими првата терапија, за неа тоа биле тешки денови за кои мислела дека немаат крај.
-Од инвалидска количка кога влегов на Онко, денес излегов на нозе! Среќна и благодарна! Цело ова време бев во Божјите раце, сега за извесен период ми следуваат нови испитувања, нови терапии за побрзо закрепнување, подигање на имунитет за долго здравје – објави четириесет годишната Андријана на својот социјален профил.
Се заблагодарува на лекарот Нино Васев, на медицинските сестри и на сите вработени на одделот. Исто така, упати благодарност и до нејзините колеги, кои несебично донирале свои уметнички дела за неа, но и до купувачите на сликите.
-Им благодарам на мајка ми, на ќерка ми, што се тука до мене, секогаш. Денес е денот на среќа, славење и љубов за сите – напиша Мациев.
,,Фокус” пишуваше за животната драма низ која минува Јулија, заедно со ќерката Андријана и внуката Стефанија уште пред шест месеци, кога се соочија со тешката дијагноза. Тогаш во телефонски разговор Јулија се заблагодари на сите кои се понудиле да им помогнат на било каков начин, и изјави дека е трогната од поддршката која што по објавувањето на веста започнала да доаѓа од сите страни.
-Ова е наплив на една позитивна енергија, во овие тешки моменти кога сме окупирани со мисли за болеста, како мелем ни дојдоа сите убави и искрени од срце пораки, целата таа позитивна енергија која ни ја пратија луѓе од сите страни на земјава и ни покажаа дека не сме сами. Ние ќе успееме – ни изјави Јулија лани во септември, во периодот кога започна нивната најголема битка.
Вики Клинчарова