Арсовски: За македонскиот идентитет, народ и јазик не се преговара со Бугарија

by fokus 12:03
12:03

Нема промена на нашите позиции во преговорите со Бугарија – за македонскиот идентитет, народ и јазик не се разговара и нема да се преговара. Апелираме да не се влегува во круг на навреди и обвинувања и говор на омраза кои нема да донесат добро за никого, најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ, порача денеска портпаролот на Владата Душко Арсовски.

-Во завршна фаза е усогласувањето на еден единствен акциски план со Република Бугарија. Владата цело време е силно мотивирана низ дијалог да се најдат заеднички точки за отворените прашања. Експертските тимови од министерствата за надворешни работи се во постојана комуникација, а министерот Османи најави нов пристап растоварен од емоции. Тоа на некој начин е дополнителен поттик на процесот, рече Арсовски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

- Advertisements -

Тој нагласи дека нема што да додаде во таа насока, бидејќи како што рече, министерот Османи вчера добро го објасни тоа, и потенцира дека на одредени точки работата од акцискиот план може веднаш да започне.

-Такви точки се инфраструктурата, спортот, образованието, информатичкото општество, туризмот, други обврски кои се на двете страни, се со цел да се јакне пријателството помеѓу двете држави. Во духот на конструктивноста потенцираме дека Владата секогаш комуницира со внимателен и достоинствен дипломатски наратив со апел да негуваме говор и комуникација што ги приближуваат разликите, рече Арсовски.

Секој јавен настап, додаде, без разлика од која страна доаѓа, треба да биде во функција на создавање пријателски амбиент во кој полесно се доаѓа до решенија.

Поврзани новости