Влатко Стојановски, главен и одговорен уредник на неделникот „Фокус“ и новинар, во утринската програма на „Слободен печат“ и „Градска.мк“ говореше за упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Тој е еден од новинарите што беа во Собранието на „крвавиот четврток“ пред 7 години и потоа правдата ја побара по судски пат. По негативната одлука на првоспетениот граѓански суд, потврдена на второстепена апелација, Уставниот суд утврди дека му било повредено правото на слободно изразување на мислата и дека не му било овозможено да си ја врши работата.
Правда за новинарите за „крвавиот четврток“!
–Со одлуката на Уставниот суд се побија аргументите и наводите на пониските судови, кои го одбија моето тужбено барање со кое јас за „27 април“ барам надомест на нематеријална штета за претрпен стрес и повреда на слободата на изразување на мислата. Јас тој ден во Собранието не бев како граѓанин, туку како новинар, и пониските судови не ја прават таа разлика. Тие велат дека мене државата требало да ме заштити како граѓанин, а не да го брани моето новинарско право, но тие 2 работи се во меѓусебна корелација.
Ако нема безбедност за новинарите, а тогаш не беа безбедни ниту новинарите ниту било кој, тогаш фактички тие не можат да си ја вршат својата работа. И Уставниот суд јасно кажа дека моето право на слободно изразување на мислата било нарушено, а негов составен дел е слободата на медиумите. Тоа подразбира слободно прибирање и пренесување на информациите. Со оневозможување на новинарите да ја вршат својата работа, беше ограничен каналот на пренесување на информации до граѓаните и јавноста.
Инаку, Уставниот суд не ги поништува пониските судски одлуки, но претставува основа ние да бараме повторување на постапката, па сега чекаме да видиме како ќе се развива ситуацијата. Според мене, овде веќе нема што да се утврдува и докажува, туку само да се констатира. Еве 7 години се поминати без позитивна судска одлука, ќе поминат уште неколку сигурно. Дури и да ја добиеме очекуваната правда, иако неизвесно е дали ќе биде така, ќе станува збор за бавна правда и во таков случај секогаш се поставува прашањето дали бавната правда може воопшто да се смета за правда – вели Стојановски.
Тој се осврнува и на постапката во која беа осудени лица за упадот во Парламентот на „крвавиот четврток“, како и на најавите на претседателски кандидати дека би ги помилувале овие лица, но воедно потсетува и на амнестирањето на дел од обвинетите, како и на неуспешното гонење на организаторите. Според него, овој случај има своја подлабока генеза.
–Се најавува помилување од кандидатката за претседател (Гордана Силјановска) на осудените за „27 април“, на која едно од главните ветувања и е дека ќе се залага за правна држава. Дилемата е колку помилување на овие или на кои било правосилно осудени лица е компатибилно или е во колизија со таа борба за правна држава? Меѓутоа, овде генезата е малку подлабока. Има луѓе што се осудени, но дали сите луѓе што учествувале директно или во организација на тој чин завршиле со пресуди?
Треба да се потсетиме дека прво имаше амнестија на дел тие што учествуваа во настанот, што се направи за повисока цел, односно за членство на НАТО, и мислам дека тука почна да се дерогира цел процес и да се прави компромис со тие за заложби за правна држава, за владеење на правото. Во следна фаза имаше предмет и за организаторите на „27 април“, бидејќи ако не се создале предуслови и амбиент тие што го направија тоа немаше да бидат во таква позиција.
И тука, според мене, многу битно е што тогашниот премиер (Зоран Заев) сведочеше во корист на организаторите. Јас не сакам да навлегувам во тоа дали предметот бил правно издржан или не, бидејќи предметот се темелеше на сведоштво на контроверзен човек. Не сакам да навлезам ниту во дебатата за делото. Тука малку се измести наративот и многумина велеа дека осудените не се терористи. Тие не се гонеа за тероризам, туку за терористичко загрозување на уставниот поредок, бидејќи целта беше да се оневозможи остварување на волјата на парламентарното мнозинство, без разлика како тоа беше структурирано.
Во таа дебата за природата на ова дело се вклучи и актуелниот претседател на државата (Стево Пендаровски) кој даваше одредени сигнали дека можеби казните се превисоки. И на крај доаѓаме до главното – извршителите лежат во затвор, и тоа не сите, нема одлука за организаторите и тоа со помош на сведочење на човекот што беше главна мета на тие напади, а главниот инспиратор, кој го повикуваше народот да си ја одбрани државата, а не да седи дома во папучи, не одговара ниту за тој случај, ниту за ниеден друг. Па, ако претходно прашав дали бавната правда е правда, тогаш овде сосема легитимно може да се постави прашањето дали селективната правда е правда – рече тој.
Во однос на прашањето дали е можна коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, чиј лидер Максим Димитриевски на 27 април, 2017 година беше пратеник на СДСМ и воедно таргет на лицата што упаднаа, Стојановски рече дека таа коалиција не само што е можна, туку речиси и извесна. Тој смета дека во таа насока не само што оди нивната соработка на локално ниво во Куманово и принципот на ненапаѓање, туку и блискоста на нивните главни пораки и програмски постулати.
–Акцент се става на борба против корупција. Се задржува стратешката цел за евроинтеграции, но не по секоја цена. Се говори за адаптирање на преговарачката рамка и нејзино модифицирање. Тука гледам синхронизираност и таа коалиција е речиси извесна, иако Димитриевски и Христијан Мицкоски на 27 април беа на спротивни страни. Но, да предочам дека со ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори соработуваше и Алијанса за Албанците, чиј лидер Зијадин Села помина најлошо, беше крвнички претепан и одвај му беше спасен животот. Тоа покажува дека во политиката брзо се забораваат работите што двојат и доминира политичкиот интерес – вели тој.