Власта на сите начини се обидува да го спречи штрајкот на СОНК

by Фокус

Градот Скопје и општините под водство на ВМРО ДПМНЕ, а такви се поголемиот дел, денеска пуштаат известувања до медиумите дека наставата во училиштата од второто полугодие ќе започне навремено, во вторник. Дури се соопштува дека ниту едно училиште и ниту една градинка не пријавиле штрајк, иако СОНК со денови зборува и го организира.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, ја искористи заканата на Владата  дека ќе се обезбедат замени, за да ги спречи наставниците да штрајкуваат.

„Сакаме да информираме дека во вторник ќе започне второто полугодие од школската година и дека наставата ќе се одвива нормално во сите средни и основни училишта во Скопје, а ќе работат и сите градинки. Изминатава недела контактирани беа сите образовни институции во Скопје кои се опфатени со најавениот штрајк и досега не е пријавено од ниту една институција дека ќе се одржи штрајк. Доколку некои наставници сакаат да штрајкуваат, тоа е нивно право, а ние како надлежни институции, согласно законските прописи, ќе обезбедиме замени за сите што ќе штрајкуваат и наставата ќе се одвива нормално. Значи, сакаме да ги информираме сите ученици и нивните родители дека во Скопје второто полугодие ќе започне во вторник и наставата ќе се одвива нормално.“ – изјави градоначалникот Трајановски.

И покрај обидите на власта да го минимизира незадоволството кај наставниците и намерата да се ангажираат нови наставници на нивно место, СОНК не се откажува затоа што смета дека барањата на синдикатот се основани и нема да отстапат доколку не бидат целосно исполнети, а за тоа ја имаат и поддршката на меѓународната заедница.

„Од повеќе локални претставништва на СОНК стигнаа соопштенија дека се против штрајкот, но тој сепак нема да пропадне. Притисок има, а тој најчесто е од општинските власти и одредени партиски приврзаници блиски до власта.“- вели Јаким Неделков од СОНК.

 

Поврзани новости