Сите за слобода на Кежаровски!

by Фокус

Во пресрет на големиот протест во вторник против пресудата на судот со која новинарот Томислав Кежаровски е осуден на две години затвор, се интензивираат реакциите, но се зголемува и бројот на поддржувачи. Практично, иницијативата на ЗНМ и на ССНМ јавно да се спротивстават на обидот власта преку судството да режира пресуди, а судиите да се однесуваат исклучиво како измеќари, наидува на масовна поддршка.

Па така, во вторник во 12, на протестот нема да излезат само новинарите, туку тоа ќе биде израз на граѓански револт предизвикан од политичката пресуда. Последната реакција стигна од  Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) кој е загрижен и ја осудува одлуката на Апелациониот суд и итното приведување во затвор на новинарот Томислав Кежаровски.

„Сметаме дека со ваквата одлука се испраќа порака за самоцензура до сите новинари во државава. Етичките принципи на новинарството можат да се бранат и одржуваат единствено кога на новинарите им е гарантирана слободата на информирање. Покажувањето моќ како во случајот со Кежаровски придонесува кон уривање на демократијата во Македонија. Советот за етика во медиумите на Македонија повикува кон итно ослободување на новинарот Кежаровски од затвор и укинување на судската одлука.“- велат во СЕММ.

Поддршката за Кежаровски добива и меѓународни диемнзии. Новинарите од регионот испраќаат повици за солидарност. на пример, новинарие од Босна и Херцеговина напишаа дека новинарот Кежаровски имал намера да открие криминал во државните институции, а не некому да наштети и да открие нечиј идентитет.

„Неговото пишување не може никако да биде кривично дело, туку тоа е професионалната задача на секој новинар. Со неговото приведување и казнување се испраќа лоша порака за сите новинари, особено тие во Македонија. Ова е брутален чин што ја загрозува слободата на информирање“- велат босанските новинари.

Не престануваат на написите низ странските весници кои сите недвосмислено укажуваат на грешката на македонските власти, особено на судот кој наместо да ги штити правата на новинарот, дополнително ги загрозува. Релевантни весници напишаа дека во Македонија валста им ја затвора устата на новинарите.

Со оглед на реакциите очекувано е протестот во вторник да биде протест за слобода. Не само таа на Кежаровски, туку слобода за демократските принципи, слобода на мислата, слобода на граѓаните. Да потсетиме дека сите партии од опозицијата најавија приклучување кон протестот, поединци од јавниот живот, невладини организации, граѓански иницијативи… се со една цел- Кежаровски да излезе од затвор, а судот да престане да биде извршител и оправдувач на насилството и грешките на власта.

Поврзани новости