Народниот правобранител Иџет Мемети не може да ги наметне предлозите за тројца свои заменици за Скопје. Власта му се спротивставува со постојани изговори за пролонгирање на изборот, а неофицијално му забележува и за изборот на кандидатите. Народниот правобранител со месеци има три испразнети места, но во парламентот никако да стигнат на дневен ред предлозите на Мемети за пополнување за непречено функционирање на институцијата. Извори за „Фокус“ коментираат дека постои ризик уште долго да нема избор на нови заменици затоа што ВМРО ДПМНЕ и ДУИ имаат оечкувања дека на таквата позиција ќе завршат проверени кадри.
Уште пролетта, пред истекот на мандатот на Трифун Танушевски, Драги Целевски и Рашид Ибраими, Народниот правобранител започнал консултации со политичките партии. Иако законот му го остава правото на Мемети самиот да предложи кандидати до пратениците, тој сепак секогаш прво го проверувал пулсот на власта за да оди со сигурни, однапред договорени кандидати.
Тогаш, откако не наишол да одобрување, власта ги искористила изборите како причина да се пролонгира изборот. Потоа направен е уште еден обид, но во оправдувањето дека следуваат летни одмори се препознала тактиката на владејачките партии за ново одложување.
Но, по неколку месечните пролонгирања сега веќе просторот е тесен. Мемети ќе мора или да предложи свои кандидати и да ризикува дека некој од нив нема да биде изгласан или пак, да повлече некое од предложените имиња и да остави можност партиите да му предложат. Некоја од опциите ќе мора да се оствари затоа што предолго недостасуваат тројца заменици. Со оглед дека се вкупно десет за Скопје, тие тројца би пополниле значителна празнина.
Мемети за „Фокус“ кратко изјави дека работата е во тек и дека очекува брзо надминување на ситуацијата. Се стравува дека изборот може да го попречи евентуално распишување избори. Или пак евентуална кулминација на недоразбирањата, односно упорноста на власта да наметне свои кадри. Со оглед дека во парламентот ја нема опозицијата, Мемети е фокусиран на разговори со ДУИ и ВМРО ДПМНЕ. А тие двете, иако немаат предложени имиња, сепак, извори тврдат, дека негодуваат со предлозите. Истите партии, во отсуство на опозицијата, лани ги изгласа другите седуммина од составот.
Замениците Народни правобранители се избираат со мандат од осум години. Оттаму позицијата е привлечна за многумина. Власта, се претпоставува, дека сака преку свои кадри да воспостави колку- толку контрола врз институцијата која важи за една од ретките, ако не и единствена, која се обидува да ги заштити човековите права. Непоплнувањето на кадровскиот состав само ги потврдува наводите констатирани во извештаите за работа на Омбудсманот. Во последните три години работниот однос им прекинал на осуммина вработени, а не е пополнето ниту едно место. Тешкотии во делувањето создава и буџетот за институцијата, кој освен што ги покрива основните трошоци, нема пари за промоција на човековите права и слободи, издавање публикации, преводи и сл.