СДСМ: Двајца затвореници починале од рак, немале соодветна грижа

by Фокус

M. VujicВо затворот Идризово, во рок од две недели, регистрирани се три смртни случаи, на двајца затвореници од Скопје и еден затвореник од Тетово. Двајца од затворениците боледувале од рак. Но немале соодветен медицински третман. Тоа е причината за нивната смрт, обвини денеска Мирослав Вујиќ, член на Комисијата за правда на СДСМ.

– Овие случувања во затворот Идризово и случувањата во останатите затвори низ Македонија, за коишто јавноста допрва ќе дознава, се потврда за условите во коишто затворениците ги издржуваат мерките притвор и казната затвор. Во Идризово има капацитет за 800-тини затвореници. Но моменталната бројка на затвореници во затворот е близу 1600-тини. Тоа го прави невозможно функционирањето на затворските служби, коишто треба да се грижат за затворениците. Тоа што недостига соодветната здравствена заштита за затворениците, не е единствената причина за нивното нарушено здравје. Во моментов, тие се сместени и во штали и во простории со уште полоши услови од ќелиите. Спијат на под, или повеќемина на еден душек – потенцираше адвокатот од редовите на опозицијата.

На Министерството за правда е да ги провери гласините, вели Вујиќ, дали е точно дека на затворениците им се бараат по 1.000 денари за реновирање на затворот Идризово и ако е точно да го санкционира ваквото незаконско постапување.

– Колку е сериозна состојбата во затворите во Македонија говори последниот случај на силуван малолетник во Воспитно поправниот дом во Велес. Јавноста мораше да дознае од Народниот правобранител, за Управата за извршување санкции да реагира. Бидејќи службите во Домот не му верувале на детето. Тоа проговори и за други силувања во поправната установа во Велес, но до овој момент нема информација дали е отворена дополнителна истрага – смета Мирослав Вујиќ.

 

Поврзани новости